Шолц и Макрон бараат итен прекин на огнот во Украина, Путин запирање на кршењето на хуманитарното право

Германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон во саботата во 75-минутниот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин повикале на итен прекин на огнот во Украина, соопшти портпаролот на германската влада.

„Разговорот беше дел од меѓународните напори чија цел е ставање крај на војната во Украина“, изјавува портпаролот на германската влада во писмено соопштение, додавајќи дека сите учесници во разговорот биле согласни но без да се откриваат повеќе за содржината на телефонскиот разговор.

Од Берлин информираат и дека канцеларот Олаф Шолц претходно разговарал со украинскиот претседател Владимир Зеленски за ситуацијата во Украина, но повторно без повеќе поединости.

Путин во разговорот со соговорниците ги истакнал „атентатите врз неистомислениците, земањето заложници и нивното користење како жив штит, како и распоредувањето на тешкото вооружување во станбени делови од градовите, во близу болници, училишта и детски градинки“, се истакнува во соопштението на Кремљ.

„Покрај тоа, борците на националистичките баталјони системски ги попречуваат операциите за извлекување на населението, ги заплашуваат цивилите при обидите да бидат евакуирани“, рекол Путин.

„Владимир Путин ги повика Емануел Макрон и Олаф Шолц да влијаат врз властите во Киев да се стави крај на ваквите криминални дејстива“, се истакнува во соопштението на Кремљ.

Се додава дека тројцата челници се договориле да ги продолжат контактите во врска со ситуацијата во Украина.