Шолц: И по прифаќањето на овој компромис, влезот во ЕУ нема да биде лесен

Германскиот канцелар Олаф Шолц смета дека прифаќањето на францускиот предлог ќе ѝ го отвори патот на Северна Македонија кон ЕУ. Во отворено писмо до граѓаните на земјава, објавено денеска, Шолц порачува дека ги разбира и споделува фрустрациите, но тврди дека Германија сака Северна Македонија да стане членка на ЕУ.

Во продолжение ви го пренесуваме интегрално писмото на Шолц:

„Ние сакаме Северна Македонија да стане членка на ЕУ!

Вашата земја повторно се соочува со носење на една многу важна одлука: Дали сакате да го прифатите европскиот компромис? Со тоа, 17 години по доделувањето на статусот на кандидат за членство во ЕУ, може конечно да се одржи првата пристапна конференција за членство. Тоа ќе биде важен чекор што ќе ве приближи до членство во ЕУ и со што ќе се надмине блокадата.

Јас ги разбирам вашата нестрпливост и вашата фрустрација. И повеќе од тоа: ги споделувам со вас!

Јас ве разбирам кога ќе кажете: Нам ни беше предолго и премногу ветувано. Тоа што се бараше од нас беше премногу. Јас го разбирам вашиот сомнеж дали со овој чекор навистина ќе се отвори патот за влез во ЕУ.

Сакам да бидам сосема искрен со вас: Дури и по прифаќањето на овој компромис, процесот за влез во ЕУ нема да биде лесен. Ќе има и други пречки кои ќе треба да бидат надминати. Но, јас исто така ви велам: Заедно ќе ги совладаме задачите кои ни претстојат.

Затоа што сакаме да бидете членка на оваа Европска Унија!

Ние ве сакаме вас, драги Македонки и Македонци, зачленети во една унија во која се чуваат и се негуваат Вашите и нашите културни особености, нашите различни јазици и нашите идентитети. Тоа нè прави заедно силни.

Сите знаеме дека компромисите понекогаш значат болни отстапки. Европската Унија се состои од компромиси, ден за ден. Но, јас сум цврсто убеден дека дури и тешки компромиси на крајот секогаш нè носат напред и нè прават посилни.

Ние сме и ќе останеме на ваша страна.

Ваш Олаф Шолц, канцелар на Сојузна Република Германија“