Шолц и Трамп телефонски разговарале за геополитичките предизвици

Германскиот канцелар Олаф Шолц и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп телефонски разговарале во неделата ноќта разменувајќи мислења за билатералните односи и геополитичките предизвици, изјави портпаролот на германската влада.

„Канцеларот ја истакна подготвеноста на германската влада да продолжи со децениската успешна соработка меѓу владите на двете земји. Тие, исто така, се согласија да работат заедно за враќање на мирот во Европа“, рече Штефен Хебестрајт на брифингот во понеделникот.

За време на неговиот прв претседателски мандат, Трамп силно ја критикуваше Германија за, како што сметаше, недоволните воени трошоци, германскиот трговски суфицит и германско-рускиот гасовод Северен тек 2.

Шолц истакна дека Германија сега троши 2 отсто од својот бруто национален производ за одбраната, во согласност со насоките на НАТО. Канцеларот, исто така, јасно стави до знаење дека очекува Трамп, кој победи на изборите во САД и треба да се врати во Белата куќа на 20 јануари, да се придржува до обврската преземена од претседателот во заминување Џо Бајден за стационирање на американските ракети со среден дострел во Германија.

„Го потпишавме тој договор со САД. Тоа е во наш заеднички интерес“, рекол Шолц.