Шолц: Има многу причини за проектот „Јадар“ – добар е за Србија

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека му е драго што во Белград гледа голем број претставници на пазарот на суровини кои се вклучени во проектот за експлоатација на минерални суровини и посочи дека има многу причини за спроведување на проектот „Јадар“ во Србија.

„Ова е важен момент да се разговара за значителниот потенцијал на проектот „Јадар“. Голем број луѓе работеа неуморно за да се овозможи сето тоа денес, и би сакал да им се заблагодарам за нивната посветеност и трудољубивост. Само на овој начин беше можно да се видиме денес и да разговараме“, истакна тој.

Како што рече, има многу причини за овој проект и според него тоа е добар проект за Србија.

Претседателот Александар Вучиќ на пленарната седница на Самитот за критични суровини во Палатата Србија во Белград рече дека ова претставува голема надеж за Србија и „можност што нема да ја пропуштиме“, како и дека ова е „одлука за иднината на нашата земја“.

Им се заблагодари на канцеларот Шолц и на потпретседателот на ЕК, Марош Шефчовиќ и на амбасадорите на многу земји кои денеска се во Белград.

„Веќе имавме разговори и можам да кажам дека сум задоволен. За нас како Србија тоа е голема надеж. Убедени сме дека нема да ја пропуштиме оваа шанса. Затоа што во нашата земја постои неподнослива леснотија да се пропуштаат добрите можности и овојпат не смееме да си го дозволиме тоа“, рече Вучиќ во присуство на Шолц и Шефчовиќ.