Шолц: Инвестициите во Украина се инвестиции во идна членка на ЕУ

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави во понеделникот дека обновувањето на Украина ќе биде поврзано и прилагодено со идното влегување на оваа земја во Европската унија.

„Кога ќе ја обновуваме Украина тоа ќе биде спроведувано во согласност со целта влегување на Украина во Европската унија“, изјави канцеларот Шолц на отворањето на германско-украинскиот економски форум во Берлин.

Според германскиот канцелар, сообраќајната инфраструктура, како и транспортниот сектор, мора да бидат обновени за да овозможат непречено приклучување на инфраструктурата на ЕУ. Тоа, како што смета Шолц, ќе оди во прилог на провлекување на интересот на инвеститорите.

„Кој денес инвестира во Украина, тој инвестира во една идна членка на Европската унија, којашто ќе биде дел од нашиот правен систем и заедничкиот пазар“, рече Шолц.

Ја повика украинската влада да ги подобри условите за странските инвеститори, да ја зајакне правната државата и борбата против корупцијата.

Украинскиот премиер Денис Шмихал, кои исто така учествуваше во работата на економскиот форум, вети брзо создавање услови за странските вложувачи, но истакна и дека на Украина ѝ е потребна помош однадвор.

„На Украина ѝ е потребна помош од европските компании за реализација на овие смели проекти“, рече Шмихал.

На германската влада и народот им се заблагодари на поддршката којашто ја добива неговата земја за да се одбрани од руската агресија и истакна дека „ќе ја добиеме оваа војна“.

Германско-украинскиот економски форми се одржува како подготовка за донаторската конференција за Украина која во вторник ќе се одржи во Берлин.