Шолц најави построга контрола на носењето оружје

Германскиот канцелар Олаф Шолц во понеделникот најави дека ќе ја засили контролата на носењето смртоносно оружје, три дена откако исламистички терорист избоде до смрт три лица во западниот град Солинген.

„Тоа е неопходно и тоа ќе се случи многу брзо“, рече Шолц при посетата на гадот.

Германскиот канцелар смета дека германскиот парламент брзо ќе го одобри нацртот на таков закон.

Нападот во петокот се случи на плоштадот во центарот на Солинген, за време на фестивалот на различностите организиран по повод 650 години од основањето на градот. Три лица загинаа, а уште осум се повредени.

Властите подоцна приведоа 26-годишен осомничен со сириско потекло, за кој се верува дека е член на ултрарадикалната сунитска Исламска држава. Агенцијата dpa јави, без да го наведе изворот, дека му било одбиено барањето за азил и дека требало да биде депортиран минатата година.

Шолц во понеделникот најави дека ќе ги забрза депортациите и дека посилно ќе се бори против илегалната миграција.

„Ова беше тероризам, тероризам против сите нас“, рече тој додека положуваше цвеќе на местото на нападот.