
Германскиот канцелар Олаф Шолц повика во понеделникот на единство меѓу Европа и САД околу одговорноста за безбедноста на Украина, во коментарите кои уследија откако САД стапија во контакт за почнување разговори со Русија без да ја изввестат однапред Европската унија.
„Не смее да има поделба на безбедноста и одговорноста меѓу Европа и САД. Со други зборови, НАТО се заснова на фактот дека ние секогаш дејствуваме заедно и делиме ризици, а со тоа ја обезбедуваме нашата безбедност. Ова не смее да се доведува во прашање“, рече Шолц за новинарите по итниот европски самит во Париз.
Британскиот премиер Кир Стармер рече дека мора да има американска безбедносна посветеност како дел од планот европските земји да испратат повоени мировни сили во Украина и дека е премногу рано да се каже колку британски војници ќе биде подготвен да распореди.
„Европа мора да ја одигра својата улога, а јас сум подготвен да размислувам за испраќање британски сили на теренот заедно со другите, доколку има траен мировен договор. Но, мора да има американска поддршка, бидејќи американската безбедносна гаранција е единствениот начин ефикасно да се одврати Русија од повторно напад на Украина“, им рече Стармер на новинарите.
Трошоците за одбрана нема да бидат разгледани во процедурата за прекумерен дефицит на Европската унија, изјави во понеделник полскиот премиер Доналд Туск по средбата со европските лидери во Париз за Украина. Додаде дека сите учесници на состанокот имаат слични мислења со Полска за клучните прашања и се согласиле дека е потребна блиска соработка во рамките на НАТО.