Шолц: Не постои поврзаност меѓу кандидатурата на Турција за ЕУ и членството на Шведска во НАТО

Германскиот канцелар Олаф Шолц експресно реагираше во понеделникот на повикот на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, посочувајќи дека не постои поврзаност меѓу преговорите на Турција за членство во Европската унија и влегувањето на Шведска во НАТО.

„Тоа не треба да се гледа како поврзана тема“, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц на прес-конференција во Берлин, коментирајќи ја промптниот неочекуван услов кој само малку претходно во изјава за новинарите го постави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган пред заминувањето на самитот на НАТО во Вилнус.

Шолц оцени дека „ништо не ѝ стои на патот на Шведска да влезе во НАТО“, што Турција и Унгарија го блокираат со месеци. Будимпешта притоа истакна дека ќе го следи потегот на Анкара по ова прашање.

„Прво отворете го патот на Турција да ѝ се придружи на Европската унија, а потоа ќе го отвориме патот за Шведска, исто како што го отворивме за Финска“, рече Ердоган за новинарите.

Шолц рече дека гледа „позитивна порака“ во изјавите на турскиот претседател, имено дека зеленото светло за членството на Шведска е „замисливо во блиска иднина“.

Пристапните преговори меѓу Турција и ЕУ започнати во 2005 година, во прекин се повеќе години.

Турција и Унгарија се последните две членки на НАТО кои сѐ уште го немаат ратификувано протоколот за пристапувањето на Шведска, иако во Стокхолм тврдат дека го исполниле барањето на турската страна со усвојување на новиот закон за тероризимот. Анкара ја критикуваше Шведска дека им дава политички азил и заштита на лицата, главно прокурдски активисти и други организации кои турските судови ги бараат за тероризам.

Покрај тоа, неодамнешното судско и полициско одобрување за јавно сквернавење и палење на светата муслиманска книга Куранот пред централната џамија во Стокхолм и тоа на првиот ден од муслиманскиот празник Курбан бајрам, повторно предизвика остри рекации од Турција.

Односите меѓу Анкара и главно западните земји членки на ЕУ се влошија по обвинувањата за автократија спроведувана од страна на Ердоган, со постојани критики за владеењето на правото во Турција, кршењето на човековите и правата на припадниците на ЛГБТИ малцинствата, а особено по неуспешниот обид за воен удар во јули 2016 година кога многу земји благонаклоно гледаа на пучистите, од кои многумина подоцна се засолнија во ЕУ, вклучително и во Шведска.

Брисел подоцна се трудеше да ги подобри односите со Анкара, особено имајќи предвид дека на турската територија изминатите години, особено по мигрантската криза во 2015 година во Европа, беа згрижени до четири милиони бегалци, главно од земјите од Блискиот исток кои имаа тенденција да минат во земјите на Европската унија.

Неочекивано променувајќи го пристапот, Ердоган во понеделникот ги доведе во поврзаност согласноста за влез на Шведска во НАТО со членството на Турција во Европската унија.