Шолц: Нема да испраќаме единици ниту авиони во Украина

Германскиот канцелар Олаф Шолц го образложи во средата во парламентот Бундестагот решението на неговата влада за испорака на тенковите „Leopard 2“ на Украина, исклучувајќи ја можноста од испраќање војници и авиони за украинските сили.

„Нема да испраќаме едници, ниту авиони во Украина. Тоа веќе, исто како и американскиот претседател Џо Бајден, јасно го дадовме на знаење уште пред неколку месеци“, рече Шолц одговарајќи на прашањата од германските пратеници.

Пред тоа Шолц ја образложи претходно денеска објавената одлука на неговата влада да испрати една чета тенкови, 14 борбени возила, од составот на германската армија Бундесверот во Украина, како и да им одобри на земјите кои ги посеруваат „Leopard“-ите да му ги предадат на Киев, и ја правдаше задршката во носењето на таквата одлика.

„Имаме војна во Европа и тоа недалеку од Берлин. Затоа мојата цел од самиот почеток беше да се спречи проширувањето на таа војна на членките на НАТО. И поради тоа е исправно овие вооружени системи да не ги испорачувавме самите, туку во тесна соработка со нашите партнери“, рече Шолц во Бундестагот.

Шолц, притоа, им се обрати на граѓаните на Германија коишто „се грижат поради оваа одлука“, но всушност станува збор за мнозинството германски гласачи кои во две анкети објавени изминатите две седмици во големо мнозинство се изјаснија против одлуката за испраќање на тенковите „Leopard 2“ во Украина и сметаат дека Германија веќе доволно испорачала во оружје и друга помош во речиси едногодишната руско-украинска војна.

„Имајте доверба во моите и одлуките на германската влада. Јас ќе се грижам за тоа сите одлуки да бидат и натаму носени во договор со меѓународните партнери“, изјави Шолц и додаде дека и натаму ќе ја помага Украина, но така што „нема да ги зголемува ризиците за Германија“.

Германскиот канцелар се обиде да објасни дека и натаму ќе биде важно да не бидат носени избрзани одлуки за да се спречи директен судир меѓу НАТО и Русија откако Москва порача дека последните одлуки дефинитивно значат директно вмешување на западните земји во војната.

Меѓутоа, додаде Шолц, „нема математичка“ сигурност каде почнува опасноста од ескалација.

Шолц реагираше и на критиките, коишто главно доаѓаа од редовите на партиите во неговата владејачка коалиција, во прв ред од сѐ помилитантно расположените Зелени, дека Германија предолго чекала со одлуката за испорака на тенковите.

„Многу е важно под притисок да не носиме избрзани одлуки, туку во целосна мера да соработуваме со партнерите во НАТО“, повтори Шолц како одговор на критичарите.

Истакна дека Германија и натаму ќе ја помага Украина колку тоа е во нејзина можност.

„Германија секогаш ќе биде во првите редови кога станува збор за помошта на Украина. Ние досега испративме оклопни борбени возила, а сека и тенковите Leopard“, рече канцеларот Шолц.