Германскиот канцелар Олаф Шолц во понеделникот во рамките на климатскиот собир на Обединетите нации COP27 во Египет решително отфрли каков и да е „светски препород на фосилните извори на енергија“.
„Не треба да се случи препород на фосилните енергии во светот. Во името на Германија порачувам: Нема да го има. Нам, повеќе од кога и да е ни е јасно дека иднината ѝ припаѓа на енергијата на ветрот, сонцето и зелениот водород“, истакна Шолц, чијашто земја е меѓу најголемите извори во Европа на гасовите кои се обвинети дека го предизвикуваат ефектот на стаклената градина и загревањето на планетата.
Војната во Украина и последиците од западните санкции против Русија доведоа до недостиг од енергенси во Германија и раст на нивните цени, што ја натераа владата во Берлин да ги отвори термоцентралите на јаглен. Но тие, како што тврди Шолц, ќе работата „само кратко време“.
„Решителни сме во намерите да го напуштиме јагленот“, рече социјалдемократскиот канцелар во чијашто влада се и зелените и либералите, а која ја продолжи работата и на неколку нуклеарни реактори кои според претходните одлуки требаше да бидат згаснати.
Истовремено германската влада одлучи да ја продолжи работата на централите на јаглен до пролетта 2024 година, но тврди дека зададената цел да го напушти овој вид енергија до 2030 година и натаму е на сила.
Шолц смета дека транзицијата кон обновливите извори на енергија „не е само климатски, економски и еколошки, туку и безбедносен императив во чиј прилог сведочи германската зависност од руските енергенси“
„Поради сето тоа главната задача на нашата епоха е уште поитна, а тоа е да се ограничи загревањето на планетата на 1,5 Целзиусови степени“, истакна Шолц и изрази уверување дека Германија „до 2045 година ќе биде карбонски неутрална“.