Германскиот канцелар Олаф Шолц во интервјуто за неколку латиноамерикански медиуми во саботата пред почетокот на турнејата во три земји во Јужна Америка на којашто ќе предводи голема делегација на челниците на главните германски компании, меѓу другото рече дека смета оти е можен мултиполарен свет во кој повеќе држави меѓусебно ќе соработуваат.
„Светот ќе биде мултиполарен, јас сум цврсто убеден во тоа. Во иднина нема да има два блока, туку цел ред влијателни држави – во Азија, Африка а исто така и во Латинска Америка. И овој свет треба да биде мултиполарен за да можат што е можно повеќе држави да соработуваат меѓусебно“, вели Шолц.
Интервјуто со германскиот канцелар во саботата истовремено го објавија аргентинскиот весник La Nación, чилеанскиот El Mercurio о бразилскиот O Globo непосредно пред почетокот на неговата посета на трите јужноамерикански земји во текот на којашто ќе се сретне со тамошните челници.
„Се залагам за поредок (во светот) заснован на правилата втемелени на Повелбата на Обединетите нации, човековите права и владеењето на правото, за да можеме заедно да одговориме на предизвиците со коишто се соочуваме при климатските промени, социјалната и еколошката трансформација, како и глобалната здравствена политика“, додава Шолц.
Бразил, инаку, од основањето во 2009 година е член во организацијата БРИКС, заедно со Русија, Кина, Индија и Јужноафриканската Унија, а ланскиот јуни во текот на 14-от самит во јата во а, како што објави претседателот Алберто Фернандез Аргентина поднела барање за членство во организацијата како и Иран, а интерес покажаа и Саудиска Арабија, Турција, Алжир и Египет.
Шолц сака да ја прекине зависноста на Германија од Русија и Кина
Во најавата на јужноамериканската турнеја на канцеларот, пред пристигнувањето на Шолц во Аргентина, првата делница на неговата турнеја, се наведува дека таа е во рамките на настојувањата да се намали економската зависност од Кина, енергетската од Русија и да се „зајакнат односите со демократиите ширум светот“. Германските медиуми одбележуваат и дека социјалдемократскиот канцелар ќе ги посети трите најголеми економии во регионот кои во моментот се водени од левичарски челници „во новата розова плима“ којашто ја зафати Јужна Америка.
Според најавите од Берлин, на дневниот ред Шолц ќе се обиде да ги покрене разговорите за војната во Украина и „извлечените поуки“ вклучително и за Германија, како за „поголемата свест за намалување на економското потпирање на авторитарните држави“.
Германската зависност од руските евтини енергенси кои придонесоа за нејзиниот економски раст и вбројувањето како најголема економија во Европа и меѓу водечките во светот, придонесоа за енергетска и криза во тамошната индустрија, по влошувањето на односите по почетокот на руската инвазија во Украина. Притоа се чини дека Берлин ќе мора дефинитивно да бара нови енергетски правци на снабдување, по неодамнешната одлука да ги овозможи испораките на германските тенкови за Киев, на што Москва реагираше со потсетување на Втората светска војна и пораката дека руско-германските односи се нарушени за долг период.
Германија, исто како и водството на Европската унија, инсистира и да ги намали своите потпирања на Кина, иако Шолц и во Пекинг водеше голема делегација од водечките деловни челници, особено кога станува збор за критичните минерали неопходни за преминување на ткн „карбонско неутралната економија“, минерали со кои е богата Јужна Америка.
„Сиве овие три земји се интересни партнери за диверзификација на нашите економски односи воопшто, но и за нашата набавка на стоки“, рекоа во петокот во најавата на турнејата извори од владата во Берлин.
Важноста на литиумот
Имајќи ја предвид конкуренцијата од Кина којашто последните деценија вложи милијарди во регионот, како и традиционалното присуство на Русија во Латинска Америка, Германија смета дека „мора да биде поактивна и поподготвена да ги прифати секторите кои досега ги избегнуваше“, рекол за Reuters неименуван германски функционер во врска со патувањето на Шолц.
„На пример ископувањето на литиум, тоа е предизвикувачка задача, особено во поглед на природната средина и општествените стандарди. И во минатото веројатно бегавме од тоа… но не можеме да си го дозволиме тој луксуз доколку сакаме да застанеме на сопствени нозе“, додал.
Аргентина и Чиле се на врвот од јужноамериканскиот ткн „литиумски триаголник“ кој ги има најголемите светски резерви од овој ултра лесен материјал од кој се изработуваат батериите за бројни уреди, вклучително и за мобилните електронски уреди но наоѓа примена и во батериите за производство на електричните автомобили.
Канцеларот Шолц во трите земји ќе го следат делегација од десетина деловни луѓе од различни сектори и заменичката на министерот за економија Франциска Братнер.
Во Бразил, последната станица од турнејата, ќе му се придружи министерката за развој Свења Шулц кој добила нови поттикнување за заеднички проекти откако на власт дојде претседателот Инасио Лула да Силва, кој вети ревизија на бразилската политика кон екологијата.
Крчењето на шумите во Амазонија достигнало највисоко ниво во последните 15 години, во мандатот на десничарскиот претседател Жаир Болсонаро, според еколошките активисти.
Во Брисел и во Берлин се надеваат дека новиот политички курс на Лула да Силва би можел да создаде можност за договор за слободна трговија меѓу Европската унија и јужноамериканскиот трговски блок Меркосур, прашање коешто исто така според најавите ќе го наметне Шолц во разговорите со регионалните челници.
Амбасадорите на ЕУ претходно му порачаа на Бразил дека договорот за слободна трговија со Меркосур, начелно договорен во 2019 година, нема да биде ратификуван доколку не бидат преземени конкретни мерки за запирање на сѐ поголемото уништување на амазонската прашума.
Посетата на Шолц во Германија се опишува како големо искажување на поддршка на Лула да Силва откако на 8-ми јануари приврзаниците на Болсонаро упаднаа во владините згради непризнавајќи го неговиот изборен пораз. Германскиот канцелар ќе ги посети и спомениците на жртвите на воените хунти во Аргентина и Чиле кои беа поддржувани од западните сојузници на Берлин.