Шолц: Путин згреши во пресметките

Германскиот канцелар Олаф Шолц, во денешното обраќање пред Бундестагот пред самитот на ЕУ, рече дека Германија е подготвена за зимата што се однесува до пополнетоста на резервоарите со гас и нагласи дека Путин погрешно пресметал кога мислел дека со запирањето на испораките на гас ќе ја подели Европа.

– Путин се надеваше дека со запирањето на испораките на гас ќе може да не уценува, но погрешно пресмета. Затоа што Европа остана обединета во својот став, рече лидерот на Социјалдемократската партија на Германија (СПД) пред пратениците во Бундестагот.

Германскиот канцелар изрази уверување дека Русија не може да победи во војната против Украина.

– Путин нема да ги постигне своите цели. Тој смета на слабоста на Западот и Украина. Но, греши: ние не сме слаби, рече Шолц.

Тој во своето обраќање во пресрет на самитот на ЕУ рече дека Германија успеала да обезбеди резерви гас и пред предвидениот рок на 1 ноември.

– Со сигурност можам да кажам: заедно ќе ја пребродиме оваа зима, рече Шолц, посочувајќи дека резервоарите за гас се веќе 95 отсто полни.

Германскиот канцелар рече дека договорот за целта за заштеда на гас од 15 проценти на ниво на ЕУ е силен сигнал.

– Тоа е силен сигнал за европска солидарност, особено во однос на Германија, која е особено зависна од рускиот гас, нагласи тој.

Според него, најдобрата стратегија против зависноста од увезени енергенси е дополнително инвестирање во технологии кои користат обновливи извори на енергија.

– Секоја ветерница, секој соларен панел не прави чекор понезависни од увоз на скап гас или нафта, рече Шолц.

Истовремено, тој ја бранеше германската програма за помош на граѓаните и економијата, која беше критикувана од некои членки на ЕУ.

– Го поделивме на две години заштитниот штит за амортизација на последиците од поскапувањето на енергенсите во износ од 200 милијарди. Тоа годишно одговара на приближно два отсто од нашиот БДП, што е приближно ист износ колку што издвојуваат земјите како Франција, Италија и Шпанија, рече Шолц.

Во дебатата што следеше по обраќањето на Шолц, опозициската десничарска популистичка Алтернатива за Германија (AфД) и партијата Левица побараа промена на ставот кон војната во Украина и прекин на испораката на оружје за Украина, со што, според нивното мислење, ќе прекине и војната.

АфД бара и пуштање во употртеба на оштетениот гасовод Северен тек за повторно да се овозможи увоз на руски гас.