Шолц тврди дека никогаш не испушил џоинт, пред Германија да го легализира канабисот

Германскиот канцелар Олаф Шолц, чијашто влада штотуку го отвори патот кон делумно легализирање на канабисот, вели дека никогаш не пушел марихуана.

„Не, баш никогаш“, одговори Шолц кога новинарите од телевизиите Sat.1 и ProSieben го прашаа дали некогаш, кога бил помлад испушил некој џоинт.

„Не, дури ниту едно димче“, рече германскиот канцелар кога новинарите почнаа поупорно да инсистираат да одговори.

Истакна дека причините поради коишто како млад не „пушел тревка“ за него важат и денес.

„Мислам дека сега ја правиме вистинската работа со овој претпазлив чекор којшто го преземаме“, рече Шолц.

Германската влада на 16-ти август го усвои нацрт-законот за декриминализацијата на канабисот. „На консументите со нацртот на законот им се олеснува одговорно постапување со канабисот“, пишува на првата од 183-те страница од нацртот.

Доколку парламентот – Бундестагот го усови предложениот закон, тој ќе стапи на сила на 1-ви јануари 2024 година.

Законот директно ќе се однесува на секој дваесетти жител на Германија, бидејќи, според официјалната статистика 4,5 милиони возрасни граѓани барем еднаш консумирале марихуана.