Шолц верува дека со Трамп може да изнајдат заедничка стратегија за Украина

Германскиот канцелар Олаф Шолц е уверен дека ќе може да постигне договор со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за заедничка стратегија за Украина.

„Убеден сум дека можеме да развиеме заедничка стратегија за Украина. Мојот водечки принцип останува дека ништо не може да се реши без да му се даде глас на украинскиот народ“, рече Шолц во интервјуто за медиумската групација Funke.

Додаде дека имал „детален“ телефонски разговор со идниот американски претседател, како и дека неговиот тим е во директна комуникација со советниците за безбедност на Трамп.

Украина се „обликува“ како главното прашање во кампањата за предвремените избори во Германија во февруари, кои следат по распаѓањето на трипартиската владејачка коалиција на Шолц во Берлин минатиот месец.

Фридрих Мерц, демохристијанскиот опозициски челник за кој се верува дека ќе го замени Шолц на канцеларската функција, повеќепати инсистираше дека Германија треба да ѝ испорача на Украина крстосувачки ракети со долг дострел „Taurus“.

Шолц претходно во неколку наврати ја отфрли можноста за испорака на проектилите „Taurus“ на Украина и покрај големиот притисок од германските пратеници, вклучително и од неговата владејачка партија и коалицијата. Според него, за ефикасна употреба на вакви ракети потребно е учество на германските офицери на самиот терен како и наведување од сателитски системи, а токму тоа е линијата што тој не сака да ја помине со цел да се избегне ексалација на непријателствата со Русија и директна вклученост на Германија во војната.

Шолц најави нова воена помош за Украина во понеделникот за време на ретката посета на Киев, велејќи дека тоа е исто така порака до рускиот претседател Владимир Путин дека Берлин ќе стои покрај Киев во војната „сѐ додека е потребно“.