Шолц во прва посета на САД

Германскиот канцелар Олаф Шолц отпатува во својата прва посета на Вашингтон откако ја презеде функцијата, во услови на зголемени прашања за посветеноста на Берлин кон неговиот клучен сојузник на САД во украинската криза.

Предвидено е Шолц денеска да се сретне со американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа.

Германија се соочува со притисок од САД за усогласување на со позицијата на Вашингтон. Сомнежите за трансатлантската алијанса се појавија делумно поради посветеноста на Берлин за проектот за гасоводот Северен поток 2 со Русија, што САД и земјите од Источна Европа остро го критикуваа, како и поради неподготвеноста на Берлин да испорача оружје на Украина.

– Ние не доставуваме оружје во кризните области… не испорачуваме смртоносно оружје во Украина, изјави Шолц пред посетата на САД.

Во Вашингтон од Шолц ќе биде побарано целосно и јасно објаснување за ставот на Германија за Северен поток 2. Гасоводот што ги поврзува Русија и Германија е завршен, но се уште не е пуштен во употреба.