Шолмо Минц на американската вечер на „Охридско лето“

Виолинистот Шломо Минц ќе настапи црква „Света Софија“ на „Охридско лето“ во рамки на Американската вечер на фестивалот што се одржува со поддршка на Амбасадата на САД во земјава.

Шломо Минц, како што соопштија од националната установа „Охридско лето“, е еден од најзначајните виолинисти на нашето време поради неговата исклучителна музикалност, стилска разновидност и беспрекорна техника.

Роден е во Москва, неговото семејство емигрирало во Израел, кога тој имал две години. Учел виолина со Илона Фехер, која го запознава со Исак Штерн, кој ќе стане негов ментор. Студирал со Дороти Дилеј во Њујорк, а уште од млада возраст соработувал со големи ѕвезди како Исак Штерн, Мстислав Ростропович, Пинкас Цукерман, Итцак Перлман, Зубин Мехта, Клаудио Абадо, Рикардо Мути, Јури Темирканов, Ида Хендл и Иври Гитлис. Настапувал со најдобрите светски оркестри во Берлин, Виена, Амстердам, Чикаго, Лос Анџелес, Филаделфија и Њујорк.

На 18 години, Минц започнал паралелна кариера како диригент. Тој е еден од основачите на мајсторскиот курс во Кешет Елион, каде бил еден од главните организатори повеќе од 18 години, а исто така е ко-основач и гласноговорник на проектот „Виолини на надеж“, кој се фокусира на реставрацијата и интернационални изложби на 45 инструменти, што им припаѓале на Евреи кои ги загубиле животите во концентрационите логори во Втората светска војна.