Шпанскиот милијардер и колекционер Хаиме Ботин во четвртокот добил 18 месеци затвор и казна од 52,4 милиони евра, бидејќи слика на славниот уметник Пабло Пикасо без дозвола се обидел да ја изнесе од земјата.
Судот во Мадрид утврдил дека Хаиме Ботин, 83-годишен поранешен банкар, се обидел од земјата да го изнесе делото „Глава на млада жена“. Сликата му е одземена и е предадена на државата, а Ботин на одлуката може да се жали пред повисок суд.
Паричната казна е двапати поголема од проценетата вредност на сликата коајшто Ботин имал намера да ја продаде на надавање на аукциската куќа Christie’s во Лондон.
Ботин, чичко на Ана Ботин, сегашната претседателка на банката „Santander“, во периодот од 1986 до 2002 година беше претседател на банката „Bankinter“. Тој уште во 2012 година ја овластил Christie’s да бара дозволата сликата од Мадрид да биде пренесена во Лондон, а увидот во електронската пошта на аукциската куќа покажала дека е била проценета како најскапиот експонат на аукцијата закажана за февруари 2013 година.
Делото „Глава на млада жена“ Пикасо го насликал во 1906 година, во неговата ткн „розова фаза“. Француските власти ја запленија оваа слика во 2015 година на брод на Ботин крај Корзика, по дојава дека се планира таа да биде прокриумчарена во Швајцарија.
Иако е во приватна сопственист, Шпанија ова дело го смета за национално богатство, и судот одреди дека не смее да биде изнесувано од земјата без знаење на властите.