Шпанија од вторникот ја намали дозволената брзина на возење на автомобилите во градовите од 50 на 30 километри на час, за да го намали бројот на загинатите во сообраќајните несреќи.
„Помали брзини, повеќе живот во градот“, гласи пораката под која Шпанската општа управа за сообраќај (DGT) ја воведе новата мерка.
Сопствениците на автомобилите во големите градови како Мадрид, Барселона, Билбао и Севилја наидоа во вторникот на знаци на коловозите со означена бројката 30 на улиците. На некои улици каде што покрај автомобилите се минуваат и пешаци, дозволената брзина е симната на 20 километри на час.
„Сите политички партии ја поддржаа оваа мерка. Со нив пешачењето и возењето велосипед ќе бидат попријатни, а повеќе ќе се користи и јавниот сообраќај“, изјави Алфонсо Гил од градската управа на баскиската престолнина Билбао.
Кога автомобилот се движи со поголема брзина од 50 километри на час ризикот од смртноста при несреќа е 90 отсто, а кога се вози со брзина од 30 километри на час изнесува само 10 отсто, соопштија од DGT.
Карлос Арегуи Далмасес, директор на Истражувачкиот сообраќаен институт од Сарагоза, вели дека пешакот има 50-процентна шанса да преживее доколку возилото го удри при брзина од 50 колометри на час. Но ќе има пет пати поголема шанса за преживување, доколку го удри возило при брзина од 30 километри на час.
Идејата за намалување на брзината во шпанските градови се појави во 2010 година. Од 2013 година воведен беше пилот-проект во повеќе градови, кој ги потврдил очекувањата за помалку смртни случаи. Во 2017 година во баскискиот град Ируна, во близина на границата со Франција имало 158 сообраќјни несреќи но без смртни последици.
Европската комисија, извршното тело на Европската унија, предложи план чија цел да се има „0 смртни случаи во сообраќајни несреќи до 2050 година“. Во Шпанија од 2010 до 2019 година бројот на смртните случаи во сообраќајни несреќи паднал за 31 отсто, според Европската комисија.