Во квалификацискиот натпревар за ЕУРО 2024 од групата А, Шпанија ја победи Шкотска со 2:0 во Севиља со што ја прекина серијата од пет победи на Шкотска.
Во Севиља, Шкотите имаа можност да станат првата репрезентација која ќе му се придружи на домаќинот Германија на европското натпреварување следната година со победа против „Фуријата“. Шкотите беа на „неколку секунди“ до Европското првенство кога Скот Мектоминај постигна фантастичен гол од „скратен корнер“ во 60. минута, но ВАР го поништи голот поради попречување на домашниот голманот.
Гостите се држеа, одолеваа на нападите до 73. минута кога Алваро Мората ја доведе Шпанија во водство. Сите сомнежи околу прашањето на победникот ги реши Оихан Сансет во 86. минута.
„Фуријата“ можеше да поведе уште во втората минута, но Феран Торес не беше доволно прецизен. Во 12. минута се закани Алехандро Балде, но шкотската одбрана го блокираше неговиот обид. Во 20. минута Микел Ојарзабал можеше подобро да реагира. Најблиску до водство домашните во првото полувреме беа во 36. минута, кога шутираше Микел Мерино, но неговиот удар заврши во рамката од голот.
Во првото полувреме Шпанија имаше 77 проценти посед на топка и 10 удари, а Шкотите немаа ниту еден. До крајот на натпреварот бројот на шпанските удари се зголемија на 17, додека Шкотите имаа само еден удар кон противничкиот гол.
Во вториот натпревар од групата Норвешка на гости го совлада Кипар со 4:0 освојувајќи важни бодови во борбата за ЕУРО. Стрелци беа Александар Сорлот (33), Ерлинг Халанд (65 и 72) и Фредрик Орснес (81).
На табелата и натаму води Шкотска со 15 бодови, Шпанија има 12, а Норвешка 10 бодови, а на континенталното првенство ќе одат две селекции од ова трио.
Во групата Е, Албанија ја победи Чешка со 3:0 во Тирана, со што направи голем чекор кон европското натпреварување. Домашните поведоа во деветтата минута со голот на Јасир Асани, а Таулант Сефери (53 и 72) постигна два гола во преостанатиот дел од натпреварот.
Чешка од 40. минута играше со играч помалку, откако беше исклучен Мојмир Читил. Напаѓачот на Славија постигна гол, но тоа го направи со рака и доби жолт картон, а бидејќи му беше втор мораше да го напушти теренот.
Полска ги победи Фарски Острови на гости со 2:0 головите на Себастијан Шимански (4) и Адам Букса (65).
На табелата води Албанија со 13 бодови, Полска има девет, Чешка е на осум, колку и Молдавија.
Во групата И Белорусија и Романија одиграа 0:0, додека Косово на гости ја совлада Андора со 3:0.
Швајцарија е на врвот на табелата со 14 бодови, пред Романија со 13 и Израел со 11 бодови.