Шпанија, Белгија, Ирска и Малта сакаат челниците на земјите членки на Европската унија да разговараат за ситуацијата во Појасот Газа на самитот следната седмица и заеднички да повикаат на траен хуманитарен прекин на огнот за да се стави крај на конфликтот, се вели.во писмо до претседателот на Европскиот совет.
Лидерите на ЕУ ќе се состанат на 14-ти и 15-ти декември во Брисел за да разговараат за помошта за Украина во борбата против руската инвазија и ревизијата на долгорочниот буџет на ЕУ, а на дневен ред е и ситуацијата на Блискиот исток.
Во писмото на четворицата премиери до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, се нагласува сериозноста на војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа и можноста конфликтот да ескалира и да се прошири во регионот.
Во резимето на писмото, во кое увид имала агенцијата Reuters, се вели дека европските челници треба да се договорат за заедничка позиција „итно да ги повикаат страните да прогласат траен хуманитарен прекин на огнот што може да доведе до крај на непријателствата“ и да побараат мерки за итна заштита на цивилите во Газа.
Четирите земји, кои претходно го критикуваа Израел за пристапот кон конфликтот, побараа што е можно поскоро да се одржи меѓународна мировна конференција на која ќе се разговара за формирање палестинска држава покрај Израел.
Тие, исто така, веруваат дека капиталите и сопственоста на насилните израелски доселеници кои ги напаѓаат Палестинците треба да се замрзнат за да се спречи натамошното ширење на насилството на Западниот брег.