Во четвртокот, шпанскиот парламент усвои закон за амнестија на каталонските политичари и јавни личноси кои го организираа и спроведоа забранетиот од владата во Мадрид и шпанскиот Уставен суд референдум за независност во октомври 2017 година, со што ќе се прекинат правните постапки против стотици учесници.
За законот гласаа 178 претставници на левите и регионалните партии, додека 172 претставници на десницата во 350-члениот парламент гласаа против.
Со законот се укинува „кривична, административна и финансиска“ одговорност за лицата кои учествувале во промоцијата, подготовката и организирањето на референдумот од јануари 2012 до ноември 2023 година.
Шпанскиот социјалистички премиер Педро Санчез на крајот на минатата година доби нов четиригодишен мандат, откако неговата малцинска влада беше поддржана од каталонските сепаратистички партии во замена за законот, како и со задоволувањето на одредени барања за поголема автономија на баскиските сепаратистички партии.
Санчез минатата седмица изјави дека законот е важен за „помирување“ и „соживот“. Десничарските партии, кои гласаа против, го обвинија премиерот за „предавство“. Минатата седмица илјадници демонстранти излегоа на улиците на Мадрид за да протестираат против Санчез и веруваат дека амнестијата ќе ги поттикне поддржувачите на независноста да направат уште еден обид за отцепување.
Законот би можел да стапи на сила на крајот на мај, откако за тоа ќе се изјасни Сенатот, горниот дом на парламентот, во кој седат претставниците на регионите и кој може само да го забави, но не и да го собори.
Во Каталонија, автономна област со 7,5 милиони жители на северот на Шпанија која има голем удел во вкупната економија на земјата, на 12-ти мај се одржуваат вонредни избори. Доколку дотогаш стапи во сила законот за амнестија, на изборите би можел да учествува и поранешниот каталонски премиер Карлес Пуџдемон, кој е во егзил во Белгија.
Пуџдемон ја прогласи Република Каталонија пред шест ипол години, врз основа на забранетиот референдум, но овој проглас не беше спроведен или признаен. Неговите соработници претходно овој месец објавија дека тој има намера да се врати во Каталонија во јуни, кога треба да биде укината налогот за апсење издаден од судот во Мадрид.
„Ова не е крајот. Нашата цел е независност на нашата земја Каталонија“, изјави на каталонски Миријам Ногуерас, претставничка на партијата „Заедно за Каталонија“, од која доаѓа Пуџдемон.