Шпанија го враќа задолжителното носење маски поради големиот број заболени од грип

Во болниците и здравствените домови во Шпанија од утре ќе биде задолжително носењето маски поради зголемувањето на бројот на заболени од респираторни инфекции, соопшти шпанското Министерство за здравство.

Новата левичарска малцинска коалициска влада ја воведува мерката, и покрај противењето на повеќето од 17-те автономни шпански региони.
Шпанското Министерство за здравство одлучи да ја воведе мерката откако не постигна договор со регионалните здравствени власти, од кои многумина тврдеа дека употребата на маски треба да се препорачува, но не и да биде задолжителна.

Шест шпански региони веќе ја воведоа мерката, а во последните месеци вообичаено се користат маски на улиците и во јавниот превоз, како и во здравствените домови.

Шпанските болници беа под огромен притисок во последните недели, по наглото зголемување на бројот на случаи на грип, корона-вирус и други респираторни заболувања.