Континентална Шпанија и Португалија забележаа температурни рекорди за април годинава, па така во шпанската Кордоба на југот од земјата се измерени 38,8 степени Целзиусови, а во португалската Мора 36,9, објавија во петокот метеоролошките служби на двете земји.
Температурниот рекорд во копното на Шпанија е измерен во четвртокот на метеоролошката станица на аеродромот во Кордоба, објави на Twitter шпанската метеоролошка агенција Aemet. Претходниот рекорд датира од 2011 година, кога во Елче на истокот на земјата беа измерени 38,6 степени Целзиусови. „Оваа ‘привремена информација’ допрва треба да се потврди’, додадоа од агенцијата.
Сепак, ова не е апсолутен рекорд во цела Шпанија за април, бидејќи историскиот максимум е измерен во 2013 година на Канарските острови, кои се наоѓаат покрај брегот на северозападна Африка од 40,2 степени.
Оваа седмица Шпанија и Португалија беа погодени од топлотен бран поради масата топол и сув воздух од Северна Африка. Температурите треба да почнат да опаѓаат од викендот.
Во Португалија, во градот Мора, во центарот на земјата, во четвртокот беше 36,9, објави во петокот националниот метеоролошки институт. Пет други места во централниот дел на земјата и на југот го надминаа претходниот рекорд од 36 степени поставен на 20 април 1945 година во Пинхао на североисток, рече Рикардо Деус, климатолог во Португалскиот институт за море и атмосфера (IPMA).