Шпанија, Ирска и Норвешка во средата објавија дека ќе ја признаат независната палестинска држава на 28. мај, што го натера Израел веднаш да ги повлече своите амбасадори од овие земји.
„Денеска Ирска, Норвешка и Шпанија објавуваат дека ја признаваат државата Палестина“, изјави ирскиот премиер Сајмон Харис на прес-конференција.
„Уверен сум дека и другите земји ќе ни се придружат во преземањето на овој важен чекор во наредните недели“, дополни тој.
Половина час пред Харис, норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе објави дека неговата земја ја признава Палестина.
„Ние веруваме дека решението со две држави е во најдобар интерес на Израел“, рече норвешкиот премиер на специјално свикана прес-конференција. Палестинскиот народ има „фундаментално, независно право на самоопределување“, а Израелците и Палестинците имаат „право да живеат во мир во своите држави“, рече тој.
„Нема да има мир на Блискиот исток без решение со две држави. Не може да има решение со две држави без палестинска држава. Со други зборови, палестинската држава е предуслов за постигнување мир на Блискиот исток“, рече Сторе.
Освен што им се придружи на своите колеги од Ирска и Норвешка во објавувањето на признавањето на Палестина, шпанскиот премиер Педро Санчез го обвини својот израелски колега Бенјамин Нетанјаху дека го загрозува решението за две држави со неговата политика на „болка и уништување“ во Појасот Газа.