Шпанија одби да дозволи брод со оружје за Израел да се вкотви во Картахена

Шпанија не му дозволи на брод кој пренесува оружје за Израел да се вкотви во југоисточното пристаниште Картахена, изјави во четвртокот министерот за надворешни работи Хосе Мануел Албарес.

Шефот на шпанската дипломатија ги потврди извештаите дека бродот „ Marianne Danica“ превезувал оружје за Израел и дека побарал дозвола на 21-ви мај да влезе во пристаништето Картахена.

Албарес рече и дека забраната за вкотвување во шпанските пристаништа е во согласност со политиката на Мадрид за забрана на извоз на оружје во Израел од избувнувањето на војната во палестинската енклава Појасот Газа ланскиот октомври.

„Одбивме да му дозволиме да вплови и тоа ќе биде доследна политика со секој брод кој превезува израелско оружје, а сака да се вкотви во шпанските пристаништа“, рече Албарес.

Бродот превезува речиси 27 тони експлозивен материјал од индиски Мадрас, пишува шпанскиот дневен весник El Pais. Компанијата која управува со бродот „ H. Folmer & Co“, веднаш не одговорила на прашање за коментар.

Оваа информација доаѓа среде спорот меѓу владејачките социјалисти и нивните крајно левичарски партнери во власта околу дозволувањето воопшто на транзит низ шпанските територијални води на бродови со оружје кои пловат кон израелските пристаништа.

Шпанскиот премиер Педро Санчез на почетокот од април изјави дека Шпанија до јули ќе ја признае независноста на Палестина, додавајќи дека и други земји ќе го сторат истото во наредните месеци, откако во март за тоа разговарал со челниците на Ирска, Малта и Словенија за формирање блок во ЕУ кое се залага за решавање на децениската блискоисточна криза со создавање на две држави.