Шпанија по четврти пат на фудбалскиот трон на Европа

Шпанската фудбалска репрезентација по рекорден четврти пат во историјата ја освои титулата европски шампион, победувајќи ја англиската репрезентација со 2:1 (0:0) во неделното финале на Олимпискиот стадион во Берлин.

Шпанците поведоа во 47. минута со голот на Нико Вилијамс, а во 73. минута израмни Кол Палмер. Микел Ојарзабал во 86. минута постигна гол за конечните 2:1 и титула за Шпанците.

а, Шпанците ја освоија четвртата титула во своето петто финале, додека Англичаните вторпат по ред загубија во финалето, бидејќи пред три години на нивниот „Вембли“ беа поразени од Италијанците во пенал-рулетот.

Селекторот на Шпанија, Луис де ла Фуенте направи две измени во стартниот состав за финалето на еврото против Англија, додека неговиот колега Герет Саутгејт направи една. Во однос на полуфиналниот натпревар против Французите, шпанскиот селектор во стартниот состав ги врати дефанзивците Дани Карвахал и Робин Ле Норман, кои поради суспензии не можеа да играат во полуфиналето. Саутгејт, пак, го внесе Лук Шо во стартната постава за финалето, оставајќи го Киеран Трипие првпат како лев бек.

Како и против сите нивни ривали, Шпанците доминираа во поседот и во ова финале од првиот свиреж на 35-годишниот Французин Франсоа Летексје, најмладиот судија на финален натпревар во историјата на европските првенства. Во првите 15 минути Англичаните ретко ја напуштаа својата половина, а уште поретко ја имаа топката во своите нозе, но нивната згусната дефанзивна формација не им остави многу простор на шпанските ракометари.

Ламине Јамал беше особено добро затворен на десното крило, додека Нико Вилијамс имаше малку повеќе можност за креативност, па најголемиот дел од шпанските напади одеа по левата страна. Најопасната ситуација за Џордан Пикфорд се случи во 12. минута, кога Вилијамс остана сам против Џон Стоунс. Се обиде да го скрши противничкиот играл со дриблинг, ја намести топката на неговата послаба лева нога, но Стоунс успеа да го блокира неговиот удар од внатрешноста на шеснаесетникот.

Шпанците се обидоа и со нафрлувања во шеснаесетникот, но англиските стопери и голманот Пикфорд беспрекорно си ја завршија работата и излегоа како победници во воздушните дуели.

Тактиката на Саутгејт беше сосема јасна – да ги затвори сите можни линии на вертикални додавања, да не остави премногу простор по крилните страни и да ја чекаат можноста за брзо трансформирање во контранапади. Англичаните беа успешни во ова и доста опасни. Во неколку ситуации изостана само последниот удар.

Така во 15. минута центаршут на Вокер кон шеснаесетникот беше блокиран од Лапорте. Две минути подоцна Сака се проби по десното крило и се префрли на спротивната страна, но Шо не упати употреблива топка во шеснаесетникот. Во 25. минута Шо успеа да измами двајца Шпанци на работ од шеснаесетникот, но и во таа ситуација Англичаните не можеа да шутираат кон Унаи Симон.

Гледајќи дека Јамал е затворен, шпанскиот тренер го испрати Вилијамс да му помогне, но ниту двајцата брзи играчи по десното крило не можеа конкретно да ја загрозат англиската одбрана.

Во финишот на полувремето Англичаните се заканија поконкретно, па ударот на Кејн од 20 метри беше изблокиран, а ударот на Фоден од 7-8 метри, кој не беше премногу силен, го одбрани Симон. Тоа беше единствениот удар во првото полувреме кој беше забележан како удар во шеснаесетникот. Од вкупно пет удари на Шпанците, четири завршија во блокот, а од три на Англија, два беа блокирани.

На почетокот од вториот дел Луис де ла Фуенте го повлече од игра Родриго, кој се пожаил на повреда, и го вметна Мартин Зубименди. Англичаните останаа во истиот состав, но тимот на Саутгејт се чини дека го заборави договорот. Нешто повеќе од една минута им требаше на Шпанците да ги искористат малку попроширените англиски линии. Брзо топката на десното крило од шпанската половина дојде до Јамал, кој се вметна меѓу двете линии и се упати кон средината. Го следеа Мората, Олмо и Нико Вилијамс, кои Англичаните не можеа да ги затворат. Подавањето на Јамал беше навремено и прецизно, а исто така беше и шутот на Вилијамс со левата нога во спротивната „мала мрежа“, па Пикфорд немаше време да реагира и Шпанија поведе.

Англичаните „живееја опасно“ и во следните десет минути. Најпрво во 49. минута, по слична шпанска акција како при голот, Дани Олмо влезе во прилика и шутираше речиси од истото место како Вилијамс, но немаше прецизност во неговиот удар со левата нога. Потоа во 55. минута Алваро Мората шутираше од добра позиција, но неговиот удар беше изблокиран од Гуехи. Веќе во следната минута повторно шанса имаше Мората, овојпат сам тргна кон Пикфорд по одличното додавање на Јамал, но не успеа да шутира на вистински начин, па Стоунс успеа да исфрли и да ја отстрани опасноста. Сепак, во продолжение на акцијата Нико Вилијамс доби шанса да шутира по додавањето на Руиз. Овојпат шутираше со десната нога и ја испрати топката покрај десната статива од англискиот гол.

Развојот на настаните на теренот го принудија Саутгејт на првиот потег, па во 61. минута наместо прилично невидливиот Кејн го внесе Оли Воткинс кој во 89. минута постигна гол против Холандија за да ги одведе Англичаните во финалето. Тоа накратко го имаше посакуваниот ефект, бидејќи Англичаните се ослободија од притисокот и во 64. минута првпат шутираа кон Унаи Симон во вториот дел, но ударот на Белингем од работ на шеснаесетникот не беше доволно прецизен и топката помина покрај цел.

Во 66. минута Џордан Пикфорд одлично реагираше. Олмо ја „распарчи“ англиската одбрана додавајќи до Јамал, кој при приемот на топката го измами својот чувар, а потоа шутираше со десната нога. Топката отиде во долниот десен агол, но Пикфорд се фрли за да спречи погодок.

Во 70. минута Саутгејт внесе уште еден напаѓач – Кол Палмер и го извлече Мајно од средниот ред. Само три минути подоцна тоа се покажа како уште еден визионерски потег на англискиот тренер. Букајо Сака ги измеша шпанските дефанзивци по десното крило и ја испрати топката до работ од шеснаесетникот кон Белингем, кој со двајца играчи на грб ја испрати топката наназад кон Палмер, а овој шутираше од 20 метри со левата нога низ шумата од нозе во долниот десен агол и донесе израмнување за Англичаните.

Идеална можност да поведе Шпанија имаше во 82. минута. Олмо и Нико Вилијамс брилијантно си разменија додавања на работ од шеснаесетникот, топката дојде до осамениот Јамал во шеснаесетникот, кој шутираше но Пикфорд одбрани. Она што Јамал не можеше да го направи, Микел Ојарзабал, „џокерот“ на Де ла Фуенте од клупата, го направи во 86. минута. Голема заслуга за тој гол има Марк Кукурела, кој испрати одлична приземјена топка од левото крило во шеснаесетникот, каде Ојарзабал се лизна пред својот голман и ја пренасочи топката во мрежата.

Саутгејт се обиде со уфрлување на Иван Тонеј и за малку ќе го добиеше посакуваното, бидејќи Англичаните беа многу блиску до израмнување во 90. минута. По корнерот на Палмер, Деклан Рајс шутираше со глава од 11 метри, но Симон одбрани а топката отиде до главата на Гуехи, кој шутираше од неколку метри но неговиот удар со глава го расчисти Олмо од самата гол-линија а повторниот обид со глава на Рајс во истиот напад отиде над пречката. Тоа беше последна шанса за Англичаните за нов чудесен пресврт, но немаа среќа против Шпанците како што имаа против Словаците.

Со седум победи во седумте настапи, Шпанија сосема заслужено освои нов голем трофеј, а Англичаните продолжуваат да го чекаат трофејот за да се „вратат дома“, каде што станаа светски шампиони во 1966 година.