Левичарската влада на Шпанија одлучи да ја запре програмата за златни визи за инвеститорите во недвижности од трети земји за да ја олесни станбената криза.
„Целта е да се запре посредувањето со недвижности… Ќе ги преземеме неопходните мерки за да се осигураме дека домувањето е право, а не предмет на шпекулации“, рече премиерот Педро Санчез во понеделникот текот на неговата посета на Севиља.
Социјалистичкиот премиер рече дека владата ќе го финализира потребниот амандман на законот во вторникот во Мадрид, но не кажа кога мерката ќе стапи на сила.
Од 2013 година, програмата за ткн „златни визи“ им овозможи на граѓаните на земјите кои не се членки на Европската унија да добијат престој во Шпанија доколку купат недвижен имот во вредност од најмалку 500.000 евра. Програмата се однесуваше и на финансиски инвестиции од најмалку милион евра во компании или два милиона во државни обврзници.
Слични програми беа лансирани и во други земји-членки на ЕУ за време на еврокризата, а насекаде беа критикувани бидејќи се сметаат за причина за поскапувањето на недвижностите и недостигот од поволни станови.
Санчез во понеделникот рече дека ситуацијата е особено тешка во градовите како Мадрид, Барселона, Малага и Валенсија, како и на Балеарските острови. Поради побарувачката од странците, речиси е невозможно локалните жители кои „таму живеат, работат и плаќаат даноци, да најдат пристојно сместување“, рече премиерот.
Според официјалните податоци, Шпанија од 2013 година има издадено повеќе од пет илјади „златни визи“, од кои две илјади се за кинески државјани.