Шпанија прва во Европа го воведе менструалното отсуство

Шпанскиот закон за сексуално и репродуктивно здравје, кој го вклучува правото на жените на менструално отсуство, стапи на сила во четвртокот.

Шпанија уште минатата 2022 година важеше како земја којашто има привремена верзија на нацрт-законот којашто ја подготви министерството за рамноправност, со која жените месечно би добивале три дена боледување, со можност за продолжување за уште два дена во случај на тешки симптоми, за што мора да добијат лекарска потврда.

Но тогаш тоа предизвика полемики и во самата влада предводена од социјалистичкиот премиер Педро Санчез, како и со синдикатите.

Предлогот на законот потоа беше одобрен во шпанскиот парламент во февруари годинава. Министерката за рамноправност Ирене Монтеро изјави тогаш дека тоа е „историски ден за поттикнувањето на правата на жените“.

Од усвојувањето беа усвоени уште неколку амандмани со кои во рамките на споменатиот законски проект се олеснува пристапот до абортус во изразено католичката земја, како и промената на полот.

Менстуралното отсуство не е вообичаена практика. На Тајван, на пример, жените може да останат дома само три дена во годината и тогаш добиваат само 50 отсто од платата. Во Јужна Кореја работодавачите мора на жените да им дадат еден слободен ден во месецот доколку тие тоа го побараат, но законот не регулира кој тоа го плаќа.

Во Шпанија со новиот закон, жените за да остварат право на менструлано отсуство мора да имаат лекарско уверување. Траењето на овој вид боледување во принцип не е ограничено. Според законот, зависи тоа колку жената има болна менструација и колку денови болките траат. Трошоците за ова отсуство ги покрива државата.