Шпанија се потсетува на најсмртоносниот терористички напад во својата историја

Во понеделникот Шпанија одбележа 20 години од најсмртоносниот терористички напад во историјата на земјата, во кој загинаа 193 лица, а околу 2.000 беа ранети.

Десет бомби, поставени во 2004 година во четири приградски воза на линијата до железничката станица Аточа во Мадрид, експлодираа во интервал од неколку минути.

„Тоа ги промени нашите животи засекогаш“, изјави Габриел Мулет за TVE. Во експлозијата тешко е повредена неговата тогашна 28-годишна бремена сопруга. Го изгубила своето дете, а денес живее во инвалидска количка. „Никогаш не мислите дека тоа може да ви се случи“, додаде Мулет.

Нападот беше извршен во главниот град непосредно пред парламентарните избори во Шпанија.

Конзервативната влада во тоа време веднаш јавно ја обвини баскиската сепаратистичка група ЕТА, која од 1959 година со чести бомбашки напади се обидува да издејствуваат независна баскиска држава на северот на земјата. Уште повеќе, претставници на владата се јавувале во редакциите на медиумите тврдејќи дека сè укажува на тоа дека станува збор за чин изведен од ЕТА.

 

„Воената интервенција поттикна тероризам“

Истрагата, сепак, покажа дека нападот го извршила џихадистичка ќелија. Бомбите беа детонирани една година откако конзервативниот премиер Хозе Марија Азнар им се придружи на американскиот претседател Џорџ Буш и британскиот премиер Тони Блер во инвазијата врз Ирак. Оружјето за масовно уништување за кое Вашингтон и Лондон тогаш тврдеа дека го поседува ирачкиот сунитски диктатор Садам Хусеин не беше откриено ниту по неговото бесење и окупацијата на оваа блискоисточна земја, еден од најголемите произведувачи и извозници на нафта.

Полицијата изврши апсења во Мадрид и околината, по што беа обвинети 29 лица, главно со мароканско потекло. Од 18 осудени, тројца мажи добија максимална затворска казна од 40 години. Хозе Емилио Суарез Трашорас, Џамал ​​Зугам и Отман ел-Гнауи се единствените кои сè уште се зад решетки, каде што мора да останат до март 2044 година.

Премиерот Азнар и неговата централнодесничарска Народна партија (PP) потоа ги загубија изборите, а новоизбраните социјалисти од PSOE ја повлекоа армијата од Ирак.

„Повлекувањето на армијата беше сосема правилна одлука“, вели сега тогашниот министер за надворешни работи Мигел Анхел Моратинос. Тој беше
одговорен за повлекувањето, вели дека „поради воената интервенција на Западот во Ирак, се појавија различни терористички групи“.

„Од почетната Ал Каеда, таа се промени во Исламска држава, потоа од Исламска држава во африкански огранок на Ал Каеда. Создадовме нови, побрутални групи со погрешни воени одлуки… Затоа, воените интервенции не се вистинскиот одговор“, додаде тој.

Моратинос, актуелен дипломат на Обединетите нации, смета дека одговорот секогаш мора да биде политички.

Во понеделникот, градските власти на Мадрид положија венец на спомен плочата поставена во центарот во знак на сеќавање на жртвите. На комеморацијата за загинатите присуствуваа социјалистичкиот премиер Педро Санчез и кралот Филип Шести.

„Испраќаме порака, особено до младите, дека насилството никогаш, никогаш не смее да биде одговор“, рече кралот Филип.

Шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Луис Албарес во вторник ќе замине во својата трета посета на Блискиот исток за да се обиде да ги смири тензиите околу ситуацијата во Појасот Газа, соопшти Министерството во понеделникот. Албарес ќе ги посети Јордан и Египет каде ќе продолжи да ја промовира идејата за организирање мировна конференција „од која Израел и Палестина би заминале како две меѓусебно и меѓународно признати држави, кои ќе придонесат за мирот и стабилноста на Блискиот исток“. Министерството извести дека 90 земји ја прифатиле таа иницијатива на Мадрид.