Проект-законот, што го ограничува правото на абортус во Шпанија, се очекува биде одобрено денеска од Владата и покрај критиките на феминистките и левицата, кои гледаат во него „враќање на 30 години назад во времето“, соопшти „Франс прес“.
Содржината на текстот, претставен на седница на Министерскиот совет, се’ уште не е познат, но феминистички организации и левичарската опозиција се плашат од најлошото од нивна гледна точка, забрана на абортусот, дури и во случаи на деформации на фетусот, како што навести министерот за правда Алберто Руиз Гајардон.
Законот од 2010 година, кој овозможува абортус до 14-тата недела и до 22 -та во случај на деформации на фетусот, како и хомосексуалните бракови, беа меѓу главните реформи на поранешната социјалистичка Влада.
Битката во парламентот започна овие денови со нова сила, кога неколку пратеници од левицата во вторникот потпишаа „пакт за правото на доброволно прекинување на бременоста“, поднесен од колектив од 200 здруженија на жени. Тие ги повикуваат пратениците од Народната партија да им се придружат .
Гајардон изјавил, без да ја открива содржината на текстот, дека тој предвидува родителска согласност за малолетниците, како што вети премиерот Маријано Рахој во предизборната кампања.
Пред законот од 2010 година абортусот во Шпанија се казнуваше со затвор, освен во случај на силување, деформации на фетусот или ризик за физичкото или менталното здравје на мајката. Токму со аргументот за менталното здравје се правеа повеќето доброволни абортуси во земјата.
Гајардон предизвика вистинска полемика, кога во јули 2012 година навести за ограничување на правото на абортус. Во април министерот посочи дека ризикот за физичкото и психичкото здравје на мајката не може да се смета како изговор да не се зачува животот на новороденчето.