Шпанката заразена со ебола: Погрешив кога ја соблекував заштитната облека

Шпанката Марија Тереза ​​Ромеро Рамос, санитарен техничар, прв случај на заболен од ебола во Европа, рекла дека ги следела сите протоколи кога влегувала во собата со болниот шпански свештеник, но додала дека можеби направила грешка при отстранувањето на заштитната облека, пишува Вашингтон пост.

Рамос, првично изјави од изолираниот болнички кревет дека „нема идеја“ како се заразила, но по неколку денови за шпанскиот весник Ел Паис по телефон рекла: „Се присетувам на моментот кога можеби тоа се случи, но не можам да кажам со сигурност, погрешив кога ја соблекував заштитната облека“.

– Таа ни кажа за можноста дека нејзината заштитна облека имала контакт со лицето… Изгледа дека таа несреќно се допрела со ракавицата – потврдил Герман Рамирез, лекар за тропски болести во болницата Карлос III во Мадрид.

Рамос се инфицирала од Мануел Гарсија Виејо, свештеник кој се зарази со вирусот во Западна Африка. Таа влегла во собата кај него само два пати откако тој починал на 25 септември, а симптомите ги почувствувала на 30-ти. По приемот во болница тестовите потврдиле дека таа е заразена од вирусот.

Лицата кои ги лекуваат пациентите со ебола мора да носат целосна заштитна облека за да се изолираат од инфекцијата. Но, процесот на ставање и соблекување на облеката може потенцијално да доведе до инфекција.

Даниел Епштајн, портпарол на Светската здравствена организација, појасни во едно скорешно интервју дека „Ставањето и соблекувањето на облеката бара одредена серија на чекори во правилен редослед“.

– Не греши облеката, луѓето при соблекувањето грешат – додал порпаролот.

Една научна студија докажа антитела на вирусот ебола кај кучиња, што укажува на тоа дека може да биле претходно инфицирани, изјави Том Фриден, директор на американскиот  Центар за контрола на болести и превенција. Но, тој додал, дека кучињата не ја пренесуваат болеста.