Севилја го надигра Бетис во големото андалузиско дерби со кое беше означен рестартот на сезоната во шпанската Примера, но истото ни донесе и една крајно контроверзна ситуација која отвори огромна дебата на Пиринеите.
Домашниот тим славеше на „Санчес Писхуан“ со 2:0, но начинот на кој беше отворен резултатот ги шокираше навивачите на Бетис, а уште повеќе играчите на теренот и самиот Марк Бартра.
Во еден доста секојдневен фудбалски дуело со напаѓачот Де Јонг, Бартра излезе како победник, но судијата Матеу Лахоз процени дека непрописно ги користел лактите и досуди најстрога казна.
Одлуката не беше прегледана и Бартра доби и жолт картон, а поранешниот стопер на Барселона по крајот на дербито не го криеше разочарувањето, бидејќи повеќе од јасно е дека првиот гол беше пресуден за епилогот на дербито.
– Јас скокнав прв, ја добив мојата позиција и тој се удри во моите раце. Тоа е дел од играта, ова е неверојатно. Погледнете ја реакцијата на нивните играчи, никој не бараше пенал. Ова е спорт во кој има контакт, ваков дуел никако не смее да биде пенал. Вакви детали одлучуваат дерби натпревари, судијата не ни помогна со својата одлука, – порача Бартра.