Шпанската полиција уапси свој припадник во порагата по Пуџдемон

полицијата во Шпанија сѐ уште трага по каталонскиот сепаратистички лидер Карлес Пуџдемон, кој во четвртокот наутро се појави во Барселона по седумгодишниот престој во егзил а потоа необјасниво исчезна, но уапси еден од своите членови кој наводно му помогнал.

Пуџдемон, 61-годишниот поранешен премиер на Каталонија по кој е распишана потерница во Шпанија, одржа говор на митингот на поддржувачите на независноста по 9 часот наутро. Потоа „исчезна“ во толпата од илјадници луѓе.

Каталонската автономна полиција започна акција за пребарување со кодно име „Кафез“ во чии рамки четири часа ги блокираше патиштата на излезот од Барселона, создавајќи застој. Извршувани се и прегледи на возила на граничниот премин со Франција.

Шпанската десница ја обвини каталонската полиција дека го игнорирала налогот за апсење издаден од Врховниот суд во Мадрид и дека му дозволил на Пуџдемон да си замине по говорот.

Каталонската полиција соопшти дека не учествувала во неговото бегство, ниту биле во контакт со него и со луѓе блиски до него. „Имавме намера да го приведеме во погоден момент за да нема немири“, соопшти каталонската полиција.

Таа, сепак, потврди дека уапсила еден од нејзините полицајци под сомнение дека му помогнал на Пуџдемон да избега со автомобил. Се чини дека по говорот се оддалечил од споменикот „Триумфалната капија“ во непознат правец.

Полицијата отвори истрага за да утврди дали постои поголема група во рамките на каталонската полиција, која е под контрола на регионалната влада која го поддржува отцепувањето, која обезбедила непречено излегување на Пуџдемон од Барселона.

Таа го привела на „информативен разговор“ генералниот секретар на неговата партија Junts (JxCAT – Заедно за Каталонија), Жорди Туруљо. Во октомври 2017 година, тој учествуваше со Пуџдемон во организирање на референдум за независност на покраината со 7,5 милиони жители, кој го забрани Врховниот суд во Мадрид. Но, тој, за разлика од Пучдемон, беше амнестиран со законот усвоен во мај во Шпанија.

Во четврток во каталонскиот парламент во Барселона продолжува дебатата за назначувањето на Салвадор Ила за нов премиер. Ила, унионист и социјалист од партијата на шпанскиот премиер Педро Санчез – PSOE, освои најмногу гласови на регионалните избори одржани во мај.

Пуџдемон, кој во последните седум години живее во белгискиот град Ватерло во близина на Брисел, беше кандидат на тие избори. Шпанија безуспешно бараше негова екстрадиција од Белгија која традиционално ги одбвива барањата на шпанските судови, но и другите европски земји каде престојуваше повремено каталонскиот политичар.

Со денови најавуваше дека ќе дојде во парламентот во Барселона за да учествува во дебатата за изборот на Ила, на чие именување за премиер остро се противи.

Пуџдемон „исчезна“ кога во толпата наводно се упатил кон парламентот. Полицијата извести дека околу него имало 3.500 поддржувачи на независноста, додека партијата Заедно за Каталонија објавила дека се собрале 10.500.

Пуџдемон ја водеше својата изборна кампања од јужна Франција долж границата со Шпанија. Историската територија на Каталонија се наоѓа делумно во Франција, каде живее исто така значителна каталонска заедница.