Шпанската полиција заплени 10,9 тони кокаин на „Балканскиот картел“

Шпанската полиција во северозападното пристаниште Виго заплени 7,5 тони кокаин од Јужна Америка, скриени во замрзната туна која требало да биде дистрибуирана низ Европа, а во југоисточниот град Валенсија откри уште 3,4 тони кокаин во контејнери.

Заплената тешка 7,5 тони е најголемата заплена на дрога според обемот во историјата на Галиција, регионот на Атлантикот чиј карпест брег со децении се користи за криумчарење наркотици, соопшти во вторникот полицијата. Во друга засебна операција, полицијата открила и 3,4 тони кокаин скриени во контејнери за транспорт во источното пристаниште Валенсија.

Уапсени се вкупно 20 лица припадници на две организации со балканско потекло, што, како што информираат од полицијата, е „голем удар“ за една од најмоќните европски дистрибутивни мрежи.

Шверцерската мрежа формирала увозна компанија за меѓународна трговија со замрзната риба и морска храна, како и за инвестирање во недвижен имот, се наведува во соопштението. Полицијата соопшти дека за време на повеќемесечниот надгледување, нејзините службеници откриле дека компанијата ја прикривала својата вмешаност во шверц на дрога испраќајќи голем број контејнери по море.

На 3-ти декември шпанската национална полиција во заедничка акција со цариниците во јужното пристаниште Алхесирас заплени речиси тон кокаин скриен во контејнери доставени од Јужна Америка, а дрогата му припаѓала на „Балканскиот картел“, соопшти тогаш полицијата истакнувајќи дека ткн „Балканскиот картел“ во моментов е најактивен на европско ниво.

Полицијата тврди дека латиноамериканските групи испраќаат кокаин скриен меѓу легални стоки во контејнери кои пристигнуваат со бродови во шпанските пристаништа. Агентите кои подолго време ги истражувале активностите на „Балканскиот картел“ имале информации и дека оваа група составена од граѓани од територијата на поранешна Југославија барала начин да го преработи тој кокаин.

Како што забележува весникот El Pais, од 2017 година, криминалните органзиации од источна Европа, во прв ред составен од Албанци, Срби и Хрвати, се препознаени како глобална закана и главоболка за единиците за борба против дрогата во земјите како Шпанија, стратешка точка за пристигнување и дистрибуција на кокаин на европскиот пазар. За споредба, доколку од 1980-те години колумбиските криумчари имаа ексклузивна контрола врз бизнисот како сопственици на патентот во производството на алкалоидот што го произведуваа во нивните лаборатории и го испраќаа на стариот континент преку Галиција, ткн „Балкански клан“ сега е парадигма на организираниот криминал. Последните последователни пратки запленети во Алхесирас, Валенсија и Ла Коруња за само четири месеци изнесуваат повеќе од 20 тони кокаин во контејнери, пишуввва весникот.