Додека многу земји од еврозоната се борат со инфлацијата, Шпанија веќе ја исполни главната цел: ја спушти на посакуваните „околу два процента“.
Во јули таа изнесуваше 2,1 отсто, а претходниот месец само 1,6 отсто, покажуваат податоците на Евростат. Неколку фактори предизвикаа дезинфлациски трендови во Шпанија, објаснува холандска финансиска групација ИНГ . Првиот е значителен пад на цените на гасот и на електричната енергија. Покрај тоа, Шпанија од самиот почеток беше помалку зависна од руските извори на енергија, има висок удел на обновливи извори на енергија (околу 50 проценти од потребите) и нуклеарна енергија (околу 20 проценти). Дополнително, поради поблагата клима, потребна е помалку енергија за загревање на домовите и зградите во текот на зимата.
Веројатно уште поважно за падот на инфлацијата беше задржувањето на нивото на цените на храната и на угостителските услуги. Во јуни храната во Шпанија е поскапа за 10,2 отсто од претходната година, додека цените во еврозоната пораснале за 12,6 отсто.
Во угостителството во јуни цените пораснаа за шест отсто на годишно ниво, а пред тоа се зголемија многу умерено, меѓу шест и седум отсто.
Шпанската влада усвои бројни мерки за ублажување на влијанието на инфлацијата. Тие вклучуваа ограничување на цените на енергијата, намалување на трошоците за јавниот превоз, оданочување на дополнителниот профит и ограничување на растот на цените за изнајмување, како и привремено намалување на ДДВ за прехранбените производи: леб, брашно, одредени видови млеко, сирење, јајца, овошје. , зеленчук, мешунки, житарки, маслиново масло…
Според податоците на шпанската централна банка, владата успеала да задржи 90 отсто од целните цени на прехранбените производи на ниско ниво.