Шпански суд: ФИФА и УЕФА ја злоупотребиле доминантната позиција спротивставувајќи се на Суперлигата

ФИФА и УЕФА ја „злоупотребија својата доминантна позиција“ со тоа што се спротивставија на Суперлигата, полузатворен натпреварувачки проект кој речиси ја уништи постоечката структура на европските клупски натпреварувања пред три години, се вели во пресудата на шпанскиот суд објавена во понеделникот.

Врвните тела на светскиот и европскиот фудбал „мора да престанат со своето антиконкурентско однесување“, засновано на „неоправдани и непропорционални ограничувања“, бара во својата одлука Стопанскиот суд во Мадрид.

Сепак, неизвесно е какво влијание ќе има оваа одлука, бидејќи ги санкционира прописите кои оттогаш се целосно променети.

Компанијата „A22 Sports Management“, одговорна за започнување на развојот на натпреварувањето кое требаше да конкурира на Лигата на шампионите, се консултираше со Стопанскиот суд во Мадрид, со поддршка од двата најголеми шпански клуба Реал Мадрид и Барселона, повикувајќи се на одлуката на Судот на правдата на Европската унија (CJEU) во декември 2023 година, којшто, исто така, оцени дека забраната за почеток на Суперлигата е против европското право, со оглед на тоа што УЕФА немала јасни критериуми за одобрување или неодобрување нови натпреварувања.

За Стопанскиот суд во Мадрид, активностите на ФИФА и УЕФА „биле насочени не само кон спречување на развојот на проектот, туку и кон спречување на воведување на конкурентна трета страна и менување на монополскиот систем на организирање на натпреварувањата“.

Презентирана во 2021 година од 12 клубови, меѓу кои беа речиси сите најбогати и најважни европски „франшизи“, првата верзија на проектот Суперлига беше брзо закопана, особено поради противењето на навивачите на англиските клубови и заканите од УЕФА и ФИФА.

Но, проектот беше повторно заживеан минатата зима, по одлуката на Судот на Европската унија, кој пресуди дека овластувањата на кровните фудбалските организации тогаш не биле „регулирани со ниту еден критериум што обезбедува нивна транспарентна, објективна, недискриминаторска и пропорционална природа“. .

УЕФА, сепак, уверува дека во меѓувреме го коригирала тој пропуст, со нова, многу подетална регулатива усвоена во јуни 2022 година.

„Оваа пресуда не значи одобрување или потврдување на таканаречената Суперлига“, соопшти УЕФА како реакција на одлуката на Европскиот суд на правдата.