Шпанскиот крал се откажа од наследството поради корупциски скандал

Претходниот шпански крал Хуан Карлос Први (л) и сегашниот монарх Фелипе Шести

Шпанскиот крал Фeлипe Шести реши да се откаже од наследството кое може да му припадне од неговиот татко Хуан Карлос Први, кого го наследи на тронот, поради објавите дека поранешниот шпански монарх добил пари од Саудиска Арабија, се наведува во соопштението за медиумите издадено во неделата од страна на кралскиот дворец.

Се истакнува дека 52-годишниот монарх „донесе одлука да се откаже од наследството на Хуан Карлос, како и од какви и да се други активи, инвестиции или финансиски структури“ коишто би можеле да бидат стекнати илегално. Покрај тоа, со одлуката на Фелипе Шести, неговиот претходник на шпанскиот трон нема повеќе да добива средства од буџетот на кралскиот дворец.

Според пишувањето на тиражниот дневен весник El Pais, оваа одлука е донесена по почетокот на истрагата поврзана со трансферот на 100 милиони евра од Саудиска Арабија на сметка во Швајцарија за којашто се верува дека е на Хуан Карлос Први, отворена на име на панамски фонд. Во написот, исто така, се тврди дека Фелипе Шести може да биде корисник или да управува со средствата од фондот основан од неговиот татко.

Во претходниот период шпанските медиуми објавија поединости од разговор меѓу Корина зу Сајин-Витгенштејн, блиска на таткото на сегашниот шпански морах, и поранешниот полициски инспектор Хозе Мануел Виљарехо, кој е дел од судскиот процес. Се претпоставува дека вториот самиот го снимил разговорот, во кој Сајин-Витгенштејн зборува дека кралот кој абдицираше од тронот ја користел како фигура за криење на имотите во странство, а исто така зборува и за постоење банкарски сметки во Швајцарија.

Весникот Okdiario истакнува дека според искажувањето на Сајин-Витгештејн, Хуан Карлос Први се обидел да добие провизии за посредување во преговори со саудиската страна, за договорот за градење на брзата железничка пруга на делницата Мека – Медина ја добие конзорциум од шпански компании.

Британскиот весник The Telegraph претходно објави дека Фелипе Шести е впишан како наследник на оф-шор фондови на кои Саудиска Арабија депонирала 100 милиони евра. Тоа наводно била донација за неговиот татко Хуан Карлос додека беше на шпанскиот двор. Со овој случај се занинава одделот за антикорупција во Шпанија.

Осумдесет и двегодишниот Хуан Карлос абдицираше во 2014 година, по бројните лични скандали и се повлече од јавниот живот, но продолжи да зема плата. Минатата 2019 година примил од касата на дворецот 194.232 евра.

Неговиот син Фелипе Шести при крунусувањето изјави дека чесно ќе ја врши својата должноста, и ќе се обиде да го поврати разнишаниот углед на монархијата.

Шпанските опозициски партии од десницата и центарот ја поздравија веднаш неговата одлука да се откаже од наследството. „Ова е пример на јавно служење“ на народот, напиша на Twitter Пабло Касадо, челникот на конзервативната Народна партија (PP).