Долниот дом на шпанскиот парламент во вторникот го отфрли предлог-законот за амнестија за каталонските сепаратисти поради несогласувањето околу неговиот опсег меѓу владејачките социјалисти и каталонската сепаратистичка партија, што претставува удар за премиерот Педро Санчез кој покажува колку е несигурна неговата поддршка во парламентот.
Предлог-законот, отфрлен со 179 гласови „за“ и 171 „против“, сега се враќа на парламентарната комисија и на крајот може да биде испратен на ново гласање во Долниот дом.
Предлог-законот ќе го дефинира вториот мандат на Санчез и предизвика масовни протести.
Каталонската сепаратистичка партија Junts (JxCAT – Заедно за Каталонија) гласаше против нацрт-законот откако не постигнаа договор со Социјалистичката работничка партија на Шпанија (PSOE) на премиерот Санчез. Пратениците на Junts побараа сите исклучоци кои се однесуваат на тероризмот да бидат отстранети од нацрт-законот, бидејќи некои од нивните политичари се под истрага за тероризам.
Предлог-законот беше поднесен од социјалистите во замена за поддршка за новиот мандат на Санчез од каталонските сепаратистички партии Junts и ERC (Републиканска левица од Каталонија).
Пратеничката на Junts, Миријам Ногуерас, изјави дека предлог-законот е премногу селективен и има премногу дупки. Но, партијата на Санчез тврди дека некои злосторства поврзани со тероризам не можат да бидат простени.
Амнестијата ќе ги опфати сите настани поврзани со каталонското движење за независност од 2012 година, вклучително и симболичното гласање во 2014 година и референдумот за независност од октомври 2017 година, кои судовите ги прогласија за незаконски. Тоа треба да се однесува на неколку стотици сепаратисти и некои полицајци кои упаднаа во избирачките места за време на референдумот.
Санчез, кој претходно се противеше на амнестијата и продолжува да се противи на референдумот за независност, тврди дека сака да го зајакне помирувањето со нацрт-законот. Конзервативната опозиција го обвинува за поткопување на владеењето на правото.