Шпанскиот премиер повика на неформално облекување поради штедење енергија

Шпанскиот социјалистички премиер Педро Санчез побара во петокот од своите министри, јавните функционери и службеници, како и од вработените во приватниот сектор да престанат да носат вратоврски и да се разладуваат додека траат топлотните бранови кои поттикнуваат позасилено користење на клима уредите.

„Сакам сите да забележите дека не носам вратоврска…. Тоа значи дека сите можеме енергетски да штедиме“, изјави Санчез на прес-конференција во Мадрид.

Високите температури создадоа зголемен притисок врз електричната мрежа во Европа и ги поттикна стравувањата околу можноста од ригорозни штедења на природниот гас поради натамошни редукции на испораките на енергенсот од Русија.

Шпанија не многу изложена на увозот на руските енергенсите, како другите земји од Европската унија, но Санчез многу сериозно рече дека неговата влада следната седмица ќе воведе вонредни мерки за да се подобри ефикасноста во заштита на енергијата.

Засега само откри дека од министрите и сите вработени во јавната администрација побарал да не носат вратоврски, доколку тоа не е неопходно, бидејќи со тоа се „штеди енергијата, што е многу важно“ за Шпанија. Додаде дека на тоа го повикува и приватниот сектор, доколку тоа и веќе не го сториле.

Санчез не објасни како со тоа се заштедува струја, но медиумите претпоставуваат дека веројатно поради тоа што во услови на високи темпертури во затворен простор лицето се чувствува поудобно без вратоврска и помала е потребата од употреба на клима уредите.

Повеќе од еден месец времето во Шпанија е многу топло. Во некои делови од земјата температурата на воздухот надмина 40 степени, а надлежните апелираа граѓаните да не користат климатизери повеќе од потребното, за да се намалат трошоците за снабдување со електрична енергија.

Минатиот месец Шпанија одобри пакет економска помош во вредност од над девет милијарди евра. Пакетот вклучува и намалување на данокот на трошоците за користење струја и еднократна исплата од 200 евра за лицата со ниски примања.