Шпанскиот Сенат го ратификуваше Пристапниот протокол за НАТО

Шпанскиот Сенат на пленарна седница пред малку го ратификуваше Пристапниот протокол за НАТО, со ниту еден глас против со што Македонија станува членка на НАТО, бидејќи Шпанија беше последната земја од Алијансата која се чекаше да го ратификува Протоколот.

Ратификацијата се следеше во Медија центарот во Владата, а присутни беа министерот за надворешни работи Никола Димитров и шпанскиот амбасадор во земјава, Лоренцо Сера.

Иако ова беше невообичаена седница на шпанскиот Сенат, како што ја опиша  Димитров, тој се заблагодари и на Шпанија и на Сенатот и на министерката за надворешни работи што прашањето беше ставено на дневен ред во тешки околности и за Шпанија и за светот.

Законот за ратификација на Пристапниот протокол сега треба да биде потпишан од шпанскиот крал, а тоа ќе се случи веројатно наредната недела.