Шпанската опозициска конзервативна Народна партија (PP) го задржа апсолутното мнозинство во провинцијата Галиција, нејзино традиционално упориште, со пораст на левичарските поддржувачи за независност, покажаа резултатите од регионалните избори одржани во неделата.
Народната партија, чиј лидер Алберто Нуњез Фејо е роден во Галиција и беше претседател на галициската влада од 2009 до 2022 година, доби 40 претставници во парламентот со 75 мандати.
Галицискиот националистички блок (BNG) постигна историски успех со изборот на 25 претставници, шест повеќе од претходните избори. Левичарската BNG се залага за независност на Галиција, автономна покраина со 2,7 милиони жители и чиј официјален галициски јазик се користи заедно со шпанскиот.
Другите левичарски партии, вклучително и социјалистите на шпанскиот премиер Педро Санчез, беа поразени. PSOE на Санчез загуби пет места во регионалниот парламент во Сантијаго де Компостела.
Изборите беа тест за Фејо, по неговиот пораз на парламентарните избори на државно ниво во јули и формирањето на коалицискате влада на Санчез со помали левичарски и регионални партии. Покрај лидерот на PP, во Галиција се родени и поранешниот шпански конзервативен премиер Маријано Рахој (2011-2018) и поранешниот диктатор Франциско Франко (1939-1975).
Галиција граничи со Португалија на југ и е позната по морепловството, риболовот, туризмот и текстилот.