Шпанските уметници меѓу кои и Алмодовар, бараат прекин на израелските напади во Газа

Неколку стотици шпански музичари, писатели и актери, вклучително и филмскиот режисер Педро Алмодовар, објавија манифест во кој бараат од Израел итен прекин на нападот врз Појасот Газа, во кој досега загинаа околу 19.000 палестински цивили.

„Израел врши воени злосторства пред кои не можеме да останеме пасивни“, се вели во манифестот објавен во неделата во шпанскиот дневен весник El Pais“. „Израел, под политичка, дипломатска, економска и воена заштита на САД, е одговорен за 75 години војна, геноцид и апартхејд“, се додава.

Писмото со наслов „Војната мора да се запре – ниту тероризам ниту геноцид“ го потпишале 542 лица од 140 организации. Меѓу нив се познатите шпански актери Луис Тосар, Клара Лаго и Антонио де ла Торе, пејачите Амарал и Розален и писателите Клара Усон и Мануел Ривас.

Тие бараат од Израел „веднаш да го запре бомбардирањето, да го почитува меѓународното право и да отвори хуманитарен коридор“ кон Појасот Газа. Бараат, исто така, и од Хамас „престанување на терористичките напади и ослободување на заложниците“. Уметниците го осудија „терористичкиот напад на Хамас“ извршен на 7 октомври и порачаа дека тоа не треба да биде изговор за Израел да ја продолжи својата повеќегодишната „окупација“, „протерувањето“ и „геноцидот“ врз палестинскиот народ.

Манифестот содржи дел од познатата слика „Герника“ на Пабло Пикасо, антивоен симбол на сите времиња кој ги прикажува ужасите на уништувањето, во кој мајка вреска и гледа кон небото, држејќи мртво дете во рацете.

Досега манифестот го поддржале 10.327 луѓе од 32 земји, објави El Pais.

Во него, потписниците предлагаат „зголемување на меѓународниот притисок за постигнување итен прекин на огнот“. Тие бараат Обединетите нации да посредуваат во конфликтот, кој „мора да заврши со решение со две држави“, при што Израел и Палестина живеат во мир и безбедност.

Амбасадорката на Израел во Лондон, Ципи Хотовели, во четвртокот изјави дека Израел ја отфрла идејата за палестинска држава.

Потписниците на манифестот во Шпанија бараат премиерот Педро Санчез да го исполни мандатот доделен на владата од шпанскиот парламент во 2014 година и да ја признае независноста на Палестина со цел да се спроведе решение за две држави.

Ова не е првпат шпанските актери да ја заземат оваа позиција. Пред два месеци за прв пат објавија сличен манифест. Во октомври, Карлос Бардем во интервју за радио станицата Cadena SER изјави дека „Израел е терористичка држава која спроведува геноцид и апартхејд врз Палестинците“.

Неговиот брат Хавиер Бардем и оскаровката Пенелопе Круз потпишаа писмо во 2014 година, заедно со други уметници, во кое се противат на тогашното бомбардирање на Појасот Газа. На овој начин тие јавно побараа од Израел да ја прекине „страшната блокада и опсада на Појасот Газа“ и да го запре бомбардирањето на болниците, училиштата и цивилите „на кои им е оневозможен пристап до вода и струја“.

Потоа на социјалните беа органзиирано „бомбардирани“ со обвинувања за „антисемитизам“. Бенјамин Арон Шапиро, израелско-американски коментатор, тогаш на Twitter напиша дека „Хавиер Бардем и Пенелопе Круз се антисемитисти, но тоа не е изненадувачки со оглед на тоа што Шпанија ги мрази Евреите до с’рж“.

Израел ја повлече својата амбасадорка од Мадрид минатиот месец, откако премиерот Санчез го прозва Израел за „недискриминирачко“ и „неподносливо“ убиство на палестински цивили.

Шпанските уметници велат дека се „на страната на праведните барања на палестинскиот народ“, кои се признати и од ОН.

„Ги повикуваме сите луѓе кои ја сакаат демократијата и мирот да се обединат и да ги замолиме нашите влади, ЕУ и меѓународната заедница да не се откажуваат од своите напори додека не се воспостави мир“, се вели на крајот од манифестот.