Шпаркасе Банка Македонија денеска ќе додели награди за најдобрите три (3) решенија во сферата на социјалните бизниси. Првонаградената идеја ќе добие парична награда во висина од 3.000 евра, второпласираните ќе бидат наградени со 2.000 евра, додека третопласираната идеја ќе биде поддржана со 1.000 евра.
Покрај наградите, најдобрите тимови ќе добијат и бесплатно патување во Виена, како и три месеци период на инкубација со менторство и поддршка во развивање на идејата. Ќе биде доделена и специјална награда од публиката, чиј тим ќе добие тримесечно менторство и период на инкубација.
Конкурсот за Наградата во Македонија беше отворен во периодот февруари-април 2015 година, а можноста да пријават своја идеја ја искористија 30 тимови. Дванаесетте најдобри идеји според професионалното жири влегоа во полуфинале, а од нив беа одбрани трите победници. Специјалната награда од публиката ја добива тимот кој освоил најмногу гласови од посетителите на веб-страницата на Наградата (http://socialimpactaward.mk/).
Наградата за социјално претприемништво веќе се организира во 10 Европски земји со поддршка на Фондацијата ЕРСТЕ и Impact Hub Vienna. Во Македонија истата ќе се организира за прв пат и е во организација на Младиинфо Интернационал а поддржана од Шпаркасе Банка Македонија и во партнерство со Њу Менс Бизнис Акцелераторот со седиште во Скопје. Таа претставува едукативна програма и натпревар за претприемачки идеи меѓу студентите и младите во Македонија кои имаат потенцијал да бидат развиени и имплементирани како иновативно решение во областа на социјалното претприемништво.