Германскиот претседател Франк – Валтер Штајнмајер оцени дека рускиот напад на Украина доведе до историски прекин на односите меѓу Берлин и Москва.
– Кога ќе ја погледнеме Русија денес, нема место за старите сништа, смета тој, наведувајќи дека Германија и Русија „денес стојат една против друга“.
Според него, „руската агресија и нас во Германија нè доведе во друго време, во време на несигурност за што мислевме оти е минато, време обележано со војна, насилство, бегалци, грижи од ширење на војната во Европа“.
Тој додаде дека тоа е сега свет што не е идеален и оти потребни се инструменти за спротивставување на таквиот свет.
– Санкциите со себе носат и последици, но, што е алтернатива за нив – да гледаме како ништо да не се случило. Во наш интерес е со партнерите да се спротивставиме на свртувањето на Русија надесно, да се спротивставиме на режим што го напаѓа соседот и ја користи енергијата како оружје, подвлече тој.
Штајнмајер изјави дека Германија не е во војна и оти тоа е важно, како и да се избегне нуклеарна ескалација.
– На никој кој е свесен не му недостасува желбата за преговори за мир, но ситуацијата е таква што не е доволно само добрата волја. Мир што би го наградил одземањето земја на Путин не е мир, би значело препуштање на Украинците на угнетување и би ја зголемил гладта на Путин за понатаму, а тука се Грузија, Балтикот, Молдавија. Брз неправеден мир не е вистински мир, туку само би ги зајакнал оние во светот кои знаат само за сила, а не за право, нагласи Штајнмајер.
Според него, моменталната ситуација е голем тест за сите.
– Можеби поради тоа нема да можеме да го продолжиме нашиот успешен економски пат, но, можеме да го постигнеме она што е значајно, а тоа е да ги сочуваме нашите вредности. Новото време е предизвик за сите нас. Тоа време бара промена и залагање на сите во Германија. Мораме наредните години да ги прифатиме ограничувањата, сите мораат да дадат свој придонес во оваа криза, посочи Штајнмајер.
Како што истакна тој, кризата ги погодува најпрво луѓето кои и пред оваа војна водеа битка за преживување.
– Но, мора да ја избегнеме поделбата на светот на „ние против нив“, бидејќи тоа не е во наш интерес. Мораме истовремено да ја намалиме ранливоста и зависноста, но, тоа не значи намалување на вмрежувањето со светот, туку поголемо вмрежување. Но, не треба да се поврзиме со мал број, туку со поголем, додаде германскиот претседател.
Тој појасни дека Путин се обидува да ја подели Европа и го „внесува отровот на поделбата“ и во германското општество, кое е ранливо поради неговата отвореност, што сака и да ја сочува.
Во критичната инфраструктура на Германија, како што тврди тој, спаѓа и демократијата, што може да се заштити само со ангажирање и пружење отпор на секој граѓанин.
Тој исто така ги повика граѓаните во Германија на единство во моменталната ситуација.