Штајнмаер побарал до Кси да го искористи своето влијание врз Путин

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер побарал во вторникот во телефонскиот разговор од кинескиот претседател Кси Џинпинг да го „искористи своето влијание“ врз рускиот претседател Владимир Путин за да ја „заврши војната“ во Украина, соопштија од Берлин.

„Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер му телефонираше на кинескиот претседател Кси Џинпинг… Претседателот го истакна заедничкиот интерес на Европа и Кина да биде завршена војната. Побара од Кси Џинпинг да го искористи своето влијание врз Русија и да влијае во таа смисла врз (рускиот претседател Владимир) Путин“, се наведува во соопштението.

Во контекстот на украинската војна, како што известува кинеската државна телевизија CCTV, Кси од своја страна во разговорот со Штајнмаер посочил дека „одолговлекувањето и комплицирањето“ на украинската криза „не е во интерес“ на ниедна од страните.

„Кина е цврсто посветена на позицијата на промовирањето на помирувањето и водењето преговори, а исто така верува дека продолжувањето и влошувањето на кризата не е во интерес на ниедна од страните“, рекол Кси.

На почетокот од декември, Кси Џинпинг изјави дека е неопходно да се избегне ескалација на украинската криза и да продолжат мировните преговори, кои беа инаку прекинати во добра позиција уште во март, а Киев не испраќа сигнали дека е подготвен повторно да седне на преговарачката маса. Кинескиот челник, исто така, истакна дека решавањето на оваа војна со политички средства е најмногу во интерес на Европа и на заедничките интереси на сите земји во Ероазија.

Од почетокот на војната во Украина, Западот се обидува да изврши притисок врз Кина да ја осуди руската воена операција и да се дистанцира од Русија. Меѓутоа, Пекинг останува сѐ уште на ставот ниту вербално да не се вмешува во конфликтот, освен што изрази противење на евентуално употребување на нуклеарно оружје, откако Западот чии политички челници први ја навестија идејата за ткн прв превентивен нуклеарен напад врз Русија, за таква закана го обвинија Путин.

Во текот на неодамнешната посета на германскиот канцелар Олаф Шолц на Кина, Кси Џинпинг повторно го изрази противењето за нуклеарна ескалација во Украина, што на Западот се толкува како порака до Путин.

Меѓутоа, и покрај надежите на западните престолнини за дистанцирање на Пекинг од Москва, се чини дека токму годинава е интензивирана кинеско-руската воена соработка. Досега веќе беа одржани неколку заеднички вежби на копнените и на воздухопловните сили, а кон крајот на седмицата започнува уште една годинава заедничка патрола на воените морнарици на Кина и на Русија во водите на Индо-Пацифичкиот регион.

Штајнамер денеска „му се заблагодари на кинескиот претседател на јасното одбивање на нуклеарните закани од Русија“, наведува кабинетот на германскиот претседател. И покрај напнатите односи со Пекинг во последните две години, ЕУ бара поддршка од Кси со цел да издејствува завршување на војната во Украина, но на Пекинг, барем колку што е познато во јавноста, не му ја изложила својата идеја за постигнување мир.

Од своја страна, пак, Кси истакнал дека ја поддржува Европа во „покажувањето на стратешка независност“, како и дека се надева на создавање „урамнотежена, ефикасна и одржлива безбедносна архитектура на Стариот свет“, според кинеската државна телевизија.

Во разговорот, кој како што известуваат од Берлин, по повод петгодишнината од билатералните односи меѓу Германија и Кина и траел „60 минути“, станало збор и за билатералните односи, како и за „актуелната ситуација во Кина во врска со ковидот“.

Шолц на почетокот од ноември беше првиот челник од земјите од групата Г7 кој ја посети Кина по почетокот на пандемијата, водејќи во Пекинг голема делегација од водечките германски стопанственици, во обидот да се закрепне тешко погодената германска индустрија поради недостигот од руските енергенси и губењето на пазарот во Русија за своите скапи производи. Посетата на германскиот канцелар предизвика многу критики меѓу западните сојузници, но Шолц ја брани неопходноста од дијалог со Пекинг.