Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер ја поддржува јавната расправа за намалување на старосната граница за право на гласање во Германија од 18 на 16 години.
Штајнамер, член на владејачката Социјалдемократска партија на Германија (SPD) и поранешен министер за надворешни работи, за весникот Frankfurter Allgemeine Zeitung вели дека долго бил скептичен, но дека се случил голем демографски пресврт со сѐ поголем удел на старите лица во гласачкото тело.
„Во таквата ситуација сметам, не е неопходно, но советувам дека би требало да се размисли дали треба да се избалансира тежината на младите со спуштањето на старосната граница за гласање на 16 години и на сојузните избори“, вели германскиот претседател.
Запрашан што мисли за продолжувањето на мандатот на парламентарните состави од четири на пет години, Штајнмаер вели дека би можел да види „голема полза во давањето на Бундестагот повеќе време за неговата законодавна работа“.