Што со Бајден?, конгресмените демократи се состануваат зад затворени врати

Демократите во американскиот Конгрес ќе се состанат зад затворени врати во вторникот поради зголемената загриженост за нивните шанси на претседателските избори на 5 ноември, од кои актуелниот претседател Џо Бајден не сака да се откаже и покрај повиците на некои негови колеги да го стори тоа.

Додека само мал број демократи во Претставничкиот дом јавно го повикаа 81-годишниот претседател да се повлече и да дозволи некој друг да му се спротивстави на републиканецот Доналд Трамп, уште неколку изразија загриженост по телевизиската дебата во која Бајден имапе катастрофален настап, поттикнувајќи ја дебатата за неговата подготвеност да го победи својот ривал и да ја води земјата уште четири ипол години.

Растечкиот јаз во партијата ја принуди кампањата на Бајден да се обиде да спречи натамошни искажувања отпор. Претседателот во понеделникот во телефонски разговор со MSNBC рече дека „не оди никаде“, а тоа им го кажа и на донаторите подоцна во текот на денот.

Во неделата, Бајден посети неколку места во сојузната држава Пенсилванија, една од оние каде победата се смета за клучна за конечниот триумф. Заменик-претседателката Камала Харис, која се смета за најверојатен наследник на Бајден доколку тој се повлече, исто така, води кампања.

Демократскиот пратеник Џо Морел рече дека гласачите во округот Њујорк му рекле дека ја губат довербата во Бајден по дебатата на 27-ми јуни.

„Ќе им требаат дополнителни докази за да имаат поголема доверба во него да ја извршува таа должност. Не можете само да им го кажете тоа, тој мора да го покаже“, рече Морел, која предлага повеќе разговори меѓу претседателот и гласачите.

Дури и искусните пратеници, поддржувачи на Бајден, веруваат дека тој треба да направи повеќе.

„Потребен ни е многу понаметлив и поенергичен кандидат во кампањата, во многу блиска иднина“, рече демократската сенаторка Пети Мареј, додавајќи дека Бајден мора „сериозно да размисли за најдобриот начин да го зачува своето неверојатно наследство“.

Но, Бајден не се откажува од трката и тврди дека 78-годишниот Трамп е закана за демократијата.

Демократските пратеници, особено во долниот дом, стравуваат дека проблемите на Бајден може да им наштетат и на нивните изгледи за мнозинство во тоа тело што ќе им овозможи да служат како штит против самоволието на Трамп доколку победи.

Републиканците во моментов имаат мнозинство во Претставничкиот дом, 220 спрема 213 демократи.

Минатонеделната анкета на Ipsos и Reuters покажа дека секој трет демократ верува оти Бајден мора да се повлече, а 59 отсто од нив тврдат дека е премногу стар за власт. Но, истото истражување покажа дека ниту една од неговите можни замени не стои подобро во борбата против Трамп.