За организираниот криминал во Еуростандард банка сеуште нема одговорност од никого. И после толку многу наши објави во медиуми, одржани прес конференции и телевизиски дебати, нема никаков одговор од никаде. Останаа неодговорени мноштво прашања, но најважните од нив се добро познати. Кој сè учествувал во грабежот на депозитите од банката, каде отишле парите, кога ќе се вратат истите и конечно, кога ќе одговараат сите тие што учествувале во криминалот?
И додека очекуваме одговори на прашањата од надлежните органи, Здружението „Правда за штедачи“ доби барање од правен застапник на аналитичарот Алберт Муслиу за наше јавно извинување за неколку објавени текстови. Бидејќи, како што се тврди во дописот, Здружението ги нарушило честа и угледот на наведениот господин Алберт Муслиу со објавување на невистинити факти.
И еве, Здружението „Правда за штедачи“, сака јавно да се извини до Алберт Муслиу за сите изнесени факти. Да почнеме со ред.
Се извинуваме што фирмата Теута-рам ДОО Гостивар, во косопственост на Алберт Муслиу, „позајмила“ пари од Еуростандард банка и должи околу 400 илјади евра, а за кои нема вратено ниту денар повеќе од три и пол години. Се извинуваме што фирмата Прагматика ДООЕЛ Гостивар, во сопственост на близок член од најтесното семејство на Алберт Муслиу, должи околу 380 илјади евра во Еуростандард банка и нема платено ништо, исто така, повеќе од три и пол години. Се извинуваме што Алберт Муслиу е заложен должник за долгот на фирмата Прагматика. Се извнинуваме и што во листата на должници објавена од Управата за јавни приходи, долгот на Алберт Гафур Муслиу по основ на неплатен персонален данок на доход изнесува околу 16 илјади евра. Многу се извинуваме што не сме знаеле како се „позајмуваат“ наши пари од Еуростандард банка со години за да никогаш не се вратат од каде се земени.
Длабоко се извинуваме на Алберт Муслиу што овие две фирми, со коишто тој е тесно поврзан, сакаа да приграбат недвижен имот во центарот на Гостивар во сопственост на Еуростандард банка во стечај, но не сакаат да си ги платат долговите. Се извинуваме што наместо наведените фирми да платат тоа што го должат, тие, со користење на своето влијание врз државните органи, Државното правобранителство Гостивар и Основниот граѓански суд Гостивар, се обидоа насилно да присвојат имот во Гостивар што не е нивен, туку е во сопственост на Еуростандард банка во стечај.
Се извинуваме што фирмата Прагматика, тесно поврзана со Алберт Муслиу, вршеше притисок на органите кои ја водат стечајната постапка со цел продажбата на недвижениот имот во сопственост на Еуростандард банка во стечај да не се реализира до крај, но ете во тоа некако не успеаа. Се извинуваме што Апелациониот суд Гостивар го укина решението од Основниот граѓански суд Гостивар за предметот покренат од фирмата Прагматика за продадениот недвижен имот во сопственост на Еуростандард банка, а поради немање на месна надлежност на судот во Гостивар да одлучува.
Се извинуваме што во целиот тој случај има сомневање за злоупотреба на јавните овластувања и службената положба на државни функционери, проследени со сомневање за висока корупција и криминал.
Се извинуваме што извршителите на фирмите должници Теута-рам и Прагматика немаат направено ништо до денес, повеќе од една и пол година, за наплата на нивните долгови кон Еуростандард банка во стечај.
Се извинуваме што не знаеме кога овие две фирми, тесно поврзани со Алберт Муслиу, ќе го вратат вкупниот долг од речиси 800 илјади евра во Еуростандард банка во стечај и за истиот ќе платат и законска казнена камата за изминатите година и половина од кога Еуростандард банка е затворена. Се извинуваме што не знаеме дали Алберт Муслиу е повикан во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да даде исказ за парите кои не се вратени од фирмите со коишто тој е тесно поврзан, а ниту се исплаќани рати со години. Истовремено, се извинуваме пред јавноста бидејќи не знаеме дали и кога Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе покрене обвиненија за сите оние кои учествувале во кражбата на депозити од Еуростандард банка.
После сите извинувања наведени погоре, очекуваме и го повикуваме Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да делува по поднесените сомневања за сторен организиран криминал и корупција за наведени учесници во грабежот на депозити од Еуростандард банка. Доколку тоа не се случи, му се извинуваме и на обвинителството што го вознемиривме со нашите многу конкретни податоци од кои произлегуваат сериозни сомневања за сторен организиран криминал.
Да биде јасно. Наша граѓанска и морална должност како оштетени депоненти во ограбената Еуростандард банка е да споделиме факти за тоа што се случило или се случува, и да помогнеме на надлежните органи да се разбудат од зимскиот сон за случајот Еуростандард банка. Што поскоро ги откријат учесниците во грабежот на депозити од Еуростандард банка, толку помалку ќе има потреба да ние се извинуваме за искажаните факти, како што тоа еве го направивме сега према аналитичарот Алберт Муслиу.
Алберт, мислевме дека пред фактите и боговите молчат. Извини за сите сторени дела наведени погоре во името на преку 3.000 ограбени депоненти на Еуростандард банка.
Здружение на оштетени штедачи на Еуростандард банка