Штекли насмеан позира во болничкиот кревет

По социјалните мрежи кружи фотографија од повредениот Раде Трајковски – Штекли на која тој позира насмеан во болнички кревет, по вториот обид за негова ликвидација.

Една недела по пукањето во трговскиот центар Ист гејт во кое освен Раде повреден беше и неговиот пријател викан Колумбо, вчера во близина на Сарај е најдено запалено возило. Сѐ уште нема официјална потврда дали истото е поврзано со обидот за ликвидација на Штекли и лицето кое го придружуваше.

 

Возилото со кое пукачот од минатата недела го напушти трговскиот, инаку било без регистарски ознаки, а делумно му се знае и траекторијата на движење.

Штекли е маркирана и осудена жртва од шефовите на криминалните кланови, анализираше за „Фокус“ поранешниот помошник директор за криминалистички работи во БЈБ при МВР, Љубомир Ѓурчески.

Тој е убеден дека ќе има нов напад врз него до целосна ликвидација.

–Кога станува збор за пресметките во организираните криминални кругови, а особено кога постојат индиции дека станува збор за нарачано убиство тогаш извршителите применуваат разно-разни средства за нивно прикривање. Но, факт е дека извршителите односно најмените ликвидатори во основа се дрски, насилни и не респектираат никакви законски прописи кои владеат во некоја држава.

Исто така, не бираат место каде ќе го остварат делото во смисла на фреквенција на луѓе и можноста од недолжни жртви. За нив е битно да се оствари зададената цел. Таков е и односот на овој сторител. Сега провејуваат сознанија дека идентитетот на извршителот е утврден што се уште не е потврдено од полицијата и јавното обвинителство, објаснува Ѓурчески.