Штерјо Наков и неговиот син Драган Наков, кој во моментов е и директор на шпедитерската компанија „Фершпед“, ќе бидат нови членови на Одборот на директори на „Лотарија на Македонија“, според податоците од Македонска берза.
Нивниот мандат ќе биде шест години и за тие свои функции ќе земаат месечен паушал од по 30 илјади денари.
Промената во раководството е една од одлуките кои ги донело Собранието на акционери на седница одржана пред неколку дена. Компанијата донела одлука целата добивка која што ја остварила лани, 121 илјади евра, да се намени за покривање на загубите од претходните години.
Според последната состојба од Централниот депозитар, најголем и управувачки сопственик на „Лотарија на Македонија“ е токму „Фершпед“, друштво за меѓународна и внатрешна шпедиција, додека Митко Димов поседува 10,77 отсто. „Лотарија“, пак, располага со сопствени акции од 9,9 отсто од капиталот на компанијарта.
Притоа, во објавата се наведува дека практично нови членови на Одборот на директори ќе бидат Драган Наков, кој ќе биде независен член, потоа Штерјо Наков, Тодор Сејзов и Стефан Станковски. Тие ќе треба да изберат еден од нив за директор на „Лотарија“.
„Мандатот на новоизбраните членови согласно статутот на друштвото трае шест години.
Инаку, во образложението на Берза стои дека изборот на нови членови на Одборот на директори е поради истечен мандат на претходните.
Според податоците од Берза, „Лотарија“ во 2021 година има остварено добивка од 105 илјади евра, а во 2020 година имала исто позитивен финансиски резултат, од 106 илјади евра. Веројатно се наталожила загуба од претходните години, која сега се покрива со позитивниот финансиски резултат.